Македонија
23. November 2017 - 9:58

Грчки полицајци на германските аеродроми ќе помагаат во проверка на патниците од Грција

Атина испраќа полицајци, кои ќе бидат распоредени на германските аеродроми, откако властите во Германија ги зајакнаа проверките на патници кои пристигнуваат од Грција, поради страв дека меѓу нив може да има криминалци, па дури и џихадисти.

Со проверките досега е утврдено дека илјада од 33 илјади лица кои пристигнале од Грција во Германија имале „невалидни документи“.

„Катимерини“ пишува дека грчките полицајци ќе им помагаат на германските колеги при контрола на патниците кои пристигнуваат од  Грција.

Слична практика веќе со години, покрај Германија, применува и Франција. Двете земји имаат такви полициски екипи и во Грција, посебно на меѓународниот аеродром „Елефтериос Венизелос“ во Атина.

Грција побарала да испрати полицајци и пред 12 ноември, кога почнаа деталните проверки на германските аеродроми и тоа нејзино барање  било одобрено од властите во Берлин.

Како што јави МИА, германските власти на 12 ноември на аеродромите во земјата почнаа да вршат темелни контроли на грчките патниците, откако било утврдено дека од Грција пристигнуваат илјадници лица. Безбедносните мерки на германските аеродроми ќе важат шест месеци, а како што навел извор од германското Министерство за внатрешни работи, тие се воведени поради претстојните божиќни празници и организирањето на традиционалните панаѓури во тој период, кои би можеле да станат цел на терористички напад од страна на џихадистите. 

Германската полиција завчера соопшти дека привела шестмина бегалци од Сирија под сомнеж дека се подготвуваат да извршат терористички напади во името на екстремистичката организација Исламска држава (ИД). 

Откако се воведени мерките, авионите од Грција на германските аеродроми се пренасочуваат на посебни терминали, каде се спроведува темелна проверка на сите патници. 

Германија ги известила институциите во Брисел дека ќе го искористи тоа нејзино право за патниците кои пристигнуваат од Грција. 

Европската комисија иницираше средба на експертско ниво, каде ќе присуствуваат претставници од Берлин и Атина, со цел да биде разгледана ситуацијата со патниците кои пристигнуваат од Грција на германските аеродроми.