Македонија
8. April 2016 - 12:29

Грчки медиуми за политичката ситуација во Македонија

Грчките медиуми секодневно јавуваат за се што се случува на македонската политичка сцена, засега речиси без коментар, јави дописникот на МИА од Атина.

„Нов политички ќорсокак во ПЈРМ“, „Предвремени избори во ПЈРМ под закана за апстиненција на социјалдемократите“,  „Избори на 5 јуни во клима на недоверба“ се само некои од насловите во грчките медиуми.

Во Грција се информира дека претседателот на Парламентит Трајко Вељановаки го распушти Собранието на Република Македонија и оти во наредните денови се очекува официјално да ги распише предвремените избори на 5 јуни.

Сепак, пишуваат грчките медиуми, лидерот на најголемата опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) Зоран Заев вели дека не постојат услови за одржување фер и демократски избори.

- Тој ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ, партијата на поранешниот премиер Никола Груевски и најави дека опозицијата нема да учествува на изборите, кои само му служат на „авторитарниот режим“ на Груевски, пишува „Весникот на новинарите“.

Весникот потсетува дека членовите на Владата од редовите на СДСМ неколку часа пред распуштањето на Собранието поднесоа оставки, но тие не беа констатирани.

- Македонскиот политички живот се мачи повеќе од една година по скандалот со прислушување телефони што го пласира опозицијата, што предизвика сериозна политичка криза во земјата. Груевски, поднесе оставка како премиер на Македонија во средината на јануари, во согласност со договорот меѓу четирите најголеми партии во земјата, која стана закон во кој се наведува дека актуелниот премиер заминува од премиерската функција пред општите избори, наведуваат грчките медиуми.

Во Грција уште се потсетува дека „опозицијата го обвинува Груевски дека неговата партија победила на сите избори од 2006 година со измами, додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ и политичката јавност тврдат дека опозицијата прави се за да не се одржат избори, затоа што се плаши дека ќе доживее пораз“.