Македонија
26. August 2016 - 17:21

Грчки медиуми за Коѕиас: Позитивна посета во добра клима

Посетата на Шефот на Грчката дипломатија на Македонија и говорот пред Амбасадорскиот совет има позитивен одек во Грчката Јавност. Грчките медиуми без коментари и со акценти на некои делови од неговиот говор пред македонските дипломати пишуваат за вчерашната средба во Скопје.

Медиумите во Атина посебно го акцентираат фактот дека Никос Коѕијас е првиот грчки министер кој одржал говор пред Амбасадорски совет, посочувајќи дека овој факт има специјално значење за комплексните односи меѓу Атина и Скопје.

Генерално, пишувањата се во позитивна насока со потенцирање на ставот на Коѕијас дека Грција ја цени Македонија и дека двете земји треба да живеат во мир, соработка и просперитет. Во фокусот се и оценките дека мерките за градење доверба ги поттикнале билатераланите односи.

И во Грција се нагласува дека на средбата Коѕиас-Попоски не е разговарано за прашањето за името, но со потсетување на позициите на Атина дека прогресот кон Брисел за Македонија зависи од решение на спорот.

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција вчера констатираа дека мерките треба да ја вратат довербата, а спорот за името да се решава подоцна.

Без доверба двајца не можат да стапат во брак, а две земји не можат да ги решат меѓусебните спорови, беше паралелата што за односите меѓу Македонија и Грција вчера ја направи грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас во Скопје.