Македонија
13. April 2018 - 16:52

Грчки медиуми: Постигнат напредок во Охрид

Има прогрес, но најтешките прашања се уште остануваат отворени, е генералната оценка во грчките медиуми по вчерашаната средба на министрите Димитров и Коѕијас во Охрид.
 
Речиси без исклучок пишуваат дека грчкото барање за употреба на новото име, за кое се тврди дека е договорено, Горна Македонија, врз принципот ерга омнес и промени во македонскиот устав, се главните отворени прашања.
 
Катимерини пишува дека тоа се клучните прашање поради кое се двоуми македонската влада, а кои ќе влијаат на македонскиот идентитет, промена на внатрешните документи и трговските имиња, а за кои нема парламентарно мнозинство.
 
Грчката телевизија Алфа повикувајќи се на свои информации јави дека временската рамка за која за прв пат разговараа двајцата министри, главно се однесува на потезите што треба да ги направи Скопје, односно кога и како ќе го смени уставот, кога и како ќе помине договорот во собранието и кога новиот договор ќе биде доставен во ОН. За да се направи сето тоа, бриферите за Алфа велат дека ќе поминат над 6 месеци.
 
И според Њуз 24/7, Димитров побарал од Коѕијас, по Самитот на НАТО во јули, најмалку дополнителни 6 месеци за да се спроведат уставни измени во Собранието.
 
Медиумот, повикувајќи се на владини извори пишува дека двете страни навлегле во суштината на трите спорни членови од македонскиот устав, во кои се зборува за македонски јазик, македонската националност и Македонците во соседните земји и низ светот.
 
Во однос на изјавата на Димитров за спречување на иредентизмот кај двете страни, медиумот појаснува дека тоа се однесува на учебниците. Грција веќе доставила меморандум на 180 страници со примери. Македонската страна побарала време за да ги проучи грчките учебници, по што ќе достави документ со неприфатливи референци и мапи со иредентистички наводи, што било прифатено од  грчката страна.
 
Христијан Мицковски, лидерот на македонската опозиција, од која зависи двотретинското мнозинство во Собранието во интервју за Призма вели дека нема никакви информации за разговорите за името, но предупредува дека не смее да има преговори за идентитетските прашања.
 
„Јазикот и идентитетот се стекнато право и тоа е затворена тема. Можеби разговараат и ова стекнато право да го изгубиме. Ниеден преговарач од македонска страна нема право да отвора тема што е затворена. Не знам за што разговараат. Последната информација е дека сетот што го предложил Нимиц сѐ уште е на маса. Кога ќе имаме информација ќе се произнесеме“, вели Мицковски.
 
Сепак, кај лидерот на ВМРО ДПМНЕ ставот на Заев искажан во едно интервју отвора сомнеж.
 
„Од она што го читам во интервјуто, човекот е подготвен за крај на неговата политичка кариера. Тоа значи дека е подготвен да оди на недостоинствено решение. Ако е достоинствен компромисот, зошто да става крај на кариерата, таа треба да се вивне по нагорна линија‘‘, вели Мицковски за Призма.
 
Освен следните најавени средби на шефовите на дипломатиите, првата можност за средба на премиерите Заев и Ципрас ќе биде самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи во Софија на 17 мај.