Балкан
6. November 2017 - 10:14

Грчки медиуми: На повидок е четврта програма за спас на Грција

Грчките медиуми деновиве шпекулираат дека на земјата најверојатно ќе и треба и четврта финансиска програма за спас.

Весникот „Прото тема“ пишува дека „таква програма веќе се наѕира да хоризонтот“ и оти таа ќе „дојде многу завиткана“.

Американската агенција Стратфор минатата недела прогнозираше дека Грција тешко ќе излезе „чиста“ од меморандумите, односно без нова програма за спас.

Според Стратфор, кредиторите ќе продолжат да вршат надзор во земјата и откако ќе заврши сегашната трета програма за спас, чиј рок истекува во август следната година.

Весникот „То Вима“ исто така тврди дека Европејците веќе ја донеле својата одлука за Грција и оти надзорот на земјата ќе продолжи се додека не бидат исплатени 75 проценти од нејзиниот долг.

Грчките медиуми го цитираат и германскиот весник „Ханделсблат“ кој оценува дека „е невозможно Владата во Атина да се отараси од надзорот на странците“.

Главна цел на Владата и на премиерот Алексис Ципрас следните месеци ќе биде да ја убеди јавноста дека тој надзор завршува и оти земјата си го враќа националниот суверенитет, пишува германскиот весник.

„Нафтемборики“ оценува дека она што ќе следи во месеците до истекот на меморандумите, односно до август 2018 година, ќе биде придружено со напори за создавање т.н. „тампон зона“ на ликвидност од 20 милијарди долари.

Се предвидува средствата да бидат обезбедени од траншите кои Грција ги добива од Европескиот механизам за стабилност и од обврзниците кои Владата ќе ги пушти на пазарите до следното лето.

„Катимерини“ коментира дека Ципрас во следните недели се соочува со тешко балансирање, со оглед на тоа што владината коалиција предводена од левичарите се обидува да ја заврши најновата ревизија и да ги задоволи барањата на меѓународните кредитори, а во исто време на Грците со ниски приходи и други социјални групи им нуди олеснување на влијанието од мерките за штедење.

Одредени фракции, особено Групата 53 во Сириза, се уште имаат големи забелешки за серија економски и структурни реформи што ги бараат грчките кредитори.

- На Ципрас нема да му биде лесно одржувањето на кохезијата во рамките на Сириза, во услови на комплетирање на најновиот извештај за финансиската помош, пред планираниот излез на земјата од третиот меморандум следното лето, пишува „Катимерни“.

Весникот додава дека сето ова уште повеќе ги поттикнува шпекулациите дека грчкиот премиер може да свика предвремени избори следната година, наместо да чека до 2019 година кога истекува мандатот на неговата Влада.