Балкан
22. November 2017 - 13:13

Грчки медиуми: Криза меѓу коалициските партнери во Владата во Атина

Грчкиот премиер и лидер на Сириза цврсто стои зад министерот за одбрана Панос Каменос, негов помал коалициски партнер на Владата и лидер на партијата Независни Грци, но во исто време дискретно се дистанцира од него откако беше откриено дека зделка за муниција со Саудиска Арабија била склучена во услови на корупција и оти е можно да биде покрената кривична одговорност за неа, пишува грчки „Њуз.ин“.

Медиумот коментира дека иако дискретна, таа дистанцираност се појавила и покрај тоа што во Парламентот претстои судир со опозицијата по прашањето на пратеници од Нова демократија за тоа како била продадена муницијата на Саудиска Арабија, без да биде склучен меѓудржавен договор. Станува збор за зделка во вредност од 66 милиони евра.

Весникот „Та Неа“ исто така смета дека над владејачката коалиција „се спуштаат темни облаци“ затоа што во меѓу време се откриени и други пропусти на Панос Каменос во Министерството за одбрана.

Конзервативците од Нова демократија издадоа соопштение во кое тврдат дека донација во вредност од 78 милиони долари од Обединетите Арапски Емирати за грчката држава, била обврзана со доставување муниција за Абу Даби без да има официјален договор со Грција. Се смета дека и таа зделка, како во случајот со Саудиска Арабија била склучена со посредник.

Грчкото Обвинителство започна предистражна постапка за да се утврди дали се било цо согласност со законот. Партијата Нова демократија го притиска премиерот Алексис Ципрас дека тој молчи за зделка во која на Судиска Арабија и биле продадени 300 илјади гранати.

Министерот за одбрана Панос Каменос ги отфрли обвинувањата и изјави дека постои договор со Саудиска Арабија.

Страстите околу зделката за муниција се разгореа пред неколку месеци откако беше откриено дека се воделе преговори кои довеле до потпишување на меѓународен договор на Министерството за одбрана на Грција со Саудиска Арабија за продажба и достава на муниција за потребите на тенкови на Саудијците, потсетуваат грчките медиуми.

Муницијата и била потребна на Владата на Саудиска Арабија за воени операции во Јемен кои доведоа до прогон на стотици илјади мирни граѓани. Се тврди дека потпишувањето на меѓудржавниот договор се случило со помош на грчкиот претприемач Василис Пападопулос, кој учествувал во зделката како претставник на Саудијците.

Документот е потпишан на 13 јуни на аеродромот Микра во Солун под многу сомнителни услови затоа што неколку часа пред тоа грчката Амбасада во Ријад ги информирала соодветните служби во Министерството за одбрана на Грција дека Саудијците ги занемариле дејствијата на таканаречениот посредник.

Освен купувањето муниција за тенковите, во меѓудржавниот договор била вклучена и опција за можна продажба на Ријад и на бомби за Военото воздухопловство од типот МК-82 и МК-83, кои претставникот на Саудиска Арабија ги поставил како неопходен услов за финализирање на договорот.