Балкан
6. February 2018 - 11:40

Грчки медиуми: Двајца поранешни премиери и осум поранешни министри вмешани во скандалот „Новартис“ во Грција

Вкупно 10 политичари од Грција, кои во периодот 2006-2015 биле на функција, меѓу кои двајца поранешни премиери и осум поранешни министри се вмешани во случајот со фармацевтската компанија Новартис.

Истрагата за швајцарската компанија е во тек од декември 2016.

Откако било откриено дека има вмешаност на политички лица, обвинителите за борба со корупција, предметот го доставиле до Министерството за правда, а од таму, во текот на денешниот ден,  ќе стигне до грчкиот парламент, согласно со законот за одговорност на министри, за да се формира комисија што ќе го разгледа случајот, јавува дописникот на МИА од Атина,.

Доколку се потврди вмешаност, политичарите ќе одговараат за поткуп и проневера.

Грчките медиуми веќе ги објавија имињата на вмешаните политичари: поранешниот премиер Андонис Самарас, поранешниот службен премиер Панајотис Пикраменос, поранешните министри за здравство, финансии и развој, од редовите на Нова демократија и ПАСОК, Јанис Стурнарас, Димитрис Аврамопулос, Евангелос Венизелос, Адонис Георгиадис, Андреас Ловердос, Андреас Лукуреѕос, Мариос Салмас и Јоргос Кутруманис.

Речиси сите политичари чии имиња беа објавени во медиумите за случајот Новартис, експресно реагираа со демант и отфрлање на каква било евентуална нивна вмешаност во скандалот.

Од фармацевтската компанија, преку соопштение велат дека соработуваат со надлежните власти во Грција.

За целиот случај, во премиерската палата синоќа се одржа вонреден состанок на кој присуствуваа министерот и алтернативниот министер за правда на Грција. Двајцата министри рекоа дека станува збор за голем скандал.

- Скандалот со лековите, посебно во однос на недостатокот на морални вредности, е огромен, бидејќи во период на економска криза и рецесија, кога за грчките граѓани, за нашиот сиромашен сограѓанин е тешко да ги најде неопходните лекови за неговото здравје, постоеја фармацевтски компании кои на еден нелегален и провокативен начин работеа на преценување на лековите, но и на доставување на лековите преку претставници на националниот здравствен систем, таму каде што не требаше. Поради ова, драстично се зголемија фармацевтските трошоци во последните години, до процент да бидат двојно поголеми од фармацевтските трошоци на ЕУ,  рече министерот за правда, Ставрос Кондонис по средбата со Ципрас Тој потенцираше дека скандалот може да добие поголеми размери од оној со Сименс.

Алтернативниот министер за правда, Димитрис Папангелопулос рече дека станува збор за „најголем скандал од формирањето на грчката држава“.

Таа изјава ја коментираа од опозициската Нова демократија, велејќи дека станува збор за случај без преседан, бидејќи надлежните министри согласно со грчкиот Устав не е можно да ја знаат содржината на судската истрага што е во тек и се обиделе да „ја предвидат одлуката, говорејќи за скандал од невидени размери“.

Објавувањето на целиот случај во јавноста од опозициската партија го поврзуваат со протестот во неделата за прашањето за името, јавува дописникот на МИА од Атина. 

– Сето тоа јасно сведочи за еден неприфатлив обид на владата да се вмеша во истражниот процес,  што случајно се случува на еден ден по протестот на стотици илјадници граѓани за неприфатливото управување на владата со скопското прашање, коментираат од опозициската Нова демократија.

Во декември 2016 започна истрагата, што е во тек, за случајот Новартис за перење пари, откако две години претходно започна истрагата во САД.

Според грчките медиуми, двајца грчки граѓани, поранешни вработени во компанијата, во одделот за продажба и комуникација, пред американските власти доставиле стотици документи како доказ дека на приватни лекари и лекари од државните болници им биле исплаќани големи износи на пари за да носат поволни одлуки за компанијата, но и за да препишуваат рецепти за лекови од конкретната компанија.

Дел од грчките медиуми пишуваат дека  Грција била земја од „посебен интерес“ за швајцарската компанија, бидејќи токму во Грција се одредувала меѓународната цена на лековите.