Балкан
2. February 2016 - 15:30

Грчката полиција разби мрежа за шверц на цигари

Грчката полиција разби голема криминална група која се занимавала со увоз, извоз и трговија на огромни количества шверцувани цигари во Грција и Бугарија.

Како што јави БТА, шверцуваните цигари биле пренесувани со комиони, најчесто во вечерните часови, при што биле користени и „извидувачи“ со цел да бидат избегнати полициски патроли. 

Цигарите во Грција најчесто пристигнувале по морски пат, по што биле дистрибуирани во Атина, Солун, во областите на северна Грција, како и во Бугарија.

Мрежата функционирала во текот на целата 2015 година, при што според полицијата, биле прошверцувани преку 110 милиони парчиња цигари. 

При полициската операција, спроведена во Атина, Солун, Бер и Серес, биле уапсени 29 членови на криминалната група, меѓу кои и двајцата лидери - етнички Грци по потекло од Грузија . 

Со шверцот групата и нанела штета на Грција од околу 19 милиони евра на име неплатени царини и даноци. 

При претресот на становите биле запленети над 15 милиони парчиња шверцувани цигари, електронска опрема, мобилни телефони, какои и шест товарни возила и десет автомобили, кои биле користени за транспорт на шверцуваната стока.