Балкан
14. October 2018 - 9:57

Грчката новинарка Вудури: Договорот од Преспа отвора перспективи и за двете земји

Резултатот од референдумот кај нас, но и Договорот од Преспа, во разговор за МИА ги анализира грчката новинарка од радиото „Атина 98.4“ и „Макрополис.гр“,  Александра Вудури.

Таа изразува изненадување од нискиот процент на излезност на референдумот и вели дека тоа им дава аргументи на оние кои што се против договорот и во двете земји.

- Јас сум од оние кои веројатно ги изненади многу нискиот процент на излезност на референдумот. Деведесет и еден отсто од оние кои што гласаа кажаа „да“, но 37 проценти излезност на еден важен изборен процес за иднината на земјата е особено низок и за жал дава многу аргументи, како што видовме, на оние кои се против договорот од Преспа и во двете земји. Се поставува прашањето каков вид порака испраќа оваа апстиненција. Јас се уште не наоѓам одговор, но сум сигурна дека не можам да го "прочитам" нашиот соседен народ, вели Вудури и додава дека со интерес ги очекува политичките случувања кај нас, за кои коментира дека ќе бидат пресудни и за договорот од Преспа.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, за решението меѓу Македонија и Грција, искусната новинарка вели дека тоа е чесен компромис, добар договор што отвора перспективи и за двете земји, но и решение кое секако задоцнило и можело да се постигне многу порано.

- Договорот е добар, тоа е чесен компромис. Секако во сите преговори нешто треба да дадеш, нешто треба да земеш. Ова треба да го разберат и двете страни. Генерално, мислам дека е чесен компромис меѓу две земји кои се обидуваа 27 години да решат едно прашање, кое на крајот, како што се чини, со овој договор можеби и задоцни многу, коментира грчката новинарка.

За реакциите во Грција, во однос на договорот, Александра Вудури смета дека народот не е доволно информиран, а проблемот, според неа, е што грчката влада, не ги соопшти позитивните работи од договорот и кои се перспективите што се отвораат преку овој договор и за двете земји, но и за поширокиот регион и „беше поведена од агендата поставена од опозициските партии особено на најголемата опозициска партија“.

- Не треба да заборавиме дека сме две соседни земји. Сега треба да гледаме напред и меѓусебно да се запознаеме, бидејќи и ова создава проблеми. Не се познаваме. И тука е и нашата улога на медиумите. Треба и ние да го направиме она што е соодветно и да ги поддржиме позитивните работи од договорот. Новинарите и од едната и од другата земја да се обидеме, нашите народи да дознаат колку заеднички работи имаат и која е нашата заедничка иднина, вели новинарката.

Во разговорот за МИА, Александра Вудури од радиото „Атина 98.4“ и „Макрополис.гр“,  изразува надеж дека сѐ ќе оди според предвиденото во однос на договорот од Преспа, смета дека, и според изјавите на шефот на грчката дипломатија, дека договорот во Грција ќе биде ратификуван, но додава дека доколку се одржат избори пред ратификацијата, тогаш ќе биде особено тешко.