Бизнис
27. April 2021 - 15:14

Грант до 15.000 евра преку бескаматната линија „Ковид 4“ вредна 10 милиони евра

Грант средства до 15 илјади евра ќе добијат фирмите од областа на туризмот, угостителството, инвент-индустријата, приватните здравствени установи, трговците поединци и занаетчиите доколку вработат нови работници и ги зголемат приходите годинава.

Ова е предвидено со новата бескаматна линија „Ковид 4“ која е дел од петтиот пакет мерки, а за која ќе може да се аплицира откако ќе биде објавен јавниот повик кон крајот на следниот месец.

За мерката се одвоени вкупно 615 милиони денари или 10 милиони евра од Буџетот кои ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра.

– Условите на оваа линија се направени така да ги наградуваат успешноста во работењето на фирмите, инвестициите и проширувањето на капацитетите. Ковид 4 линијата предвидува грантови за успешност во случај доколку фирмите ги зголемат вкупните приходи за 2021 година за најмалку 10 проценти споредено со 2020 година. Тогаш ќе имаат право да побаруваат грант до 30 проценти од кредитот или во случај доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5 проценти тогаш ќе можат да побаруваат грант од 20 проценти. Доколку пак се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50 проценти, појасни министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција во Владата.

Вкупната сума на грантот може да биде од 600 евра како минимален износ до 15.000 евра како максимален износ. Рокот на отплата на кредитите е до 42 месеци со грејс период од 12 месеци, додека отплатата на кредитот ќе се врши квартално по 10 проценти од главнината.

Бескаматната линија Ковид 4 е наменета за микро, малите и средните претпријатија кои имаат до 250 вработени. Средствата се наменети за компании од туризмот, угостителството, ивент индустријата, транспортот, приватните здравстени установи, трговците поединци и занаетчиите кои имаат пад на приходите од најмалку 30 проценти и капитал и резерви не помалку од 33 проценти од износот на бараниот кредит.

Износот на кредитот кој ќе може да го користи одреден субјект ќе зависи од бројот на вработени во јануари, февруари или март 2021 година и падот на приходите во 2020 во однос на 2019 година. Субјектите кои имаат пад на приходите меѓу 30 и 50 проценти, ќе можат да користат кредит по 15.200 денари по вработен, додека субјектите кои имаат пад на приходите повеќе од 50 проценти, ќе може да користат кредит по вработен од 22.000 денари, појасни директорот на Развојната банка, Кире Наумов.

Корисниците на оваа бескаматна линија не можат истовремено да ја користат и мерката за финансиска поддршка за исплата на плати од петтиот пакет, како и кориснците на „Ковид 3“ линијата. Корисниците на „Ковид 1“ и „Ковид 2“ можат да бидат корисници на оваа бескаматна линија само доколку ги подмириле сите досегашни обврски по основ на претходните кредити.

Со претходните три бескаматни линии инјектирани се 44,1 милиони евра во стопанството. Поддржани се 4.078 фирми во кои се вработени 36.802 лица. Со последната бескаматна линија „Ковид 3“ воведена е грант компонентна за микро и мали претпријатија раководени од жени, млади претприемачи, субјекти кои извезуваат или се дигитализираат. Од 62 проценти од кредитокорисниците на Ковид 3 се очекуваат барања за грант.