Македонија
11. February 2019 - 16:23

Граничните премини кон Грција подготвени за промена на таблите со уставното име на земјата

Подготовките се завршени, но промената на таблите со новото име на граничните премини се уште не е направена.  На  премините  со Република Грција и денеска стојат старите табли со досегашното име на државата Република Македонија. Состојбата е идентична и на Богородица, и на Дојран. И покрај одредени информации дека таблите на кои ќе пишува  Република Северна Македонија ќе бидат поставени денеска, засега промена нема.

Информација за процесот на замената на старите табли со нови  на кои ќе стои  новото име  побаравме од царинската управа кои се задолжени за граничните премини. Од таму одговорија дека таблите со новото име веќе се подготвени,  но  се чекаат насоки од владата за нивно поставување. Велат се работи за процес кој ќе се одвива на државно ниво и немаат информација за редоследот по кој ќе се прави промената. 

Претпоставките се дека смената  со натписите насекаде ќе биде направена во еден ден. Состојбата е идентична и граничниот премин Меџитлија и таму како и на Богородица и Дојран во текот на денешниот ден не се направени никакви промени, а сите патници кои го минуваа и овој граничен премин според натписот на постоечките табли  и денеска заминуваа од или пак  влегуваа во Република Македонија.