Македонија
10. April 2016 - 22:56

Границата под опсада, мигрантите повредија 14 полицајци и 9 војници на АРМ

Денеска по претходно добиени сознанија дека околу 09.00 часот на ГК 59 можно е да дојде до протести и обид за насилен и организиран илегален влез на мигранти на територијата на Република Македонија, беа преземени мерки за засилено обезбедување на државната граница кон Република Грција, соопшти вечерва МВР.

Преземените мерки вклучуваа и засилено присуство на припадниците на МВР и АРМ на Република Македонија како и на странските полициски службеници од Унгарија,Чешка,Србија,Словенија, Хрватска и Австрија распоредени на територијата на Република Македонија,чии активности се поддржани во рамки на ЕУ специјалните мерки за поддршка на Република Македонија за справување со мигрантската криза на јужната граница во светло на европската мигрантска криза.

Имено, во 09.30 часот на граничен камен 59 дојдоа претставници од грчката полиција и побараа да се оствари средба помеѓу претставници на мигрантите и претставник на нашите гранични служби. Целта на оваа средба беше мигрантите лично да се уверат околу гласините дека границата е отворена, односно мигрантите да се откажат од идејата за влез во Република Македонија. Во 10.15 часот на ГК 59 дојдоа претставници од мигрантите, грчки полициски службеници и новинарски екипи. Мигрантите се интересираа зошто државната граница е затворена и кога истата повторно ќе се отвори. Од страна на претставник на МВР одговорено е на прашањата по што мигрантите во 10.35 часот си заминаа и се повлекоа во грчкиот камп.

Во 10.50 часот поголема група на мигранти, помеѓу 1000 и 2000 лица, отпочнаа со насилни протести на околу 100-200 метри десно од граничен камен 59, со извикување, фрлање на камења и разни предмети. Од страна на УПС од МВР и АРМ веднаш е отпочнато со одбивање на мигрантите при што употребени се и хемиски средства - солзавец.

По половина час беше пробиена заштитната ограда и група од 20 до 30 мигранти се обидоа илегално да влезат на територијата на Република Македонија, но истите веднаш се спречени во намерата и вратени на територијата на Република Грција. Друга група мигранти, пак, според проценките меѓу од 500-1000 лица се обидоа да направат пробивање на оградата и лево од граничен камен 59, со каменување кон нашите безбедносни сили. Во 14.00 часот поголем дел од мигрантите се повлекоа на околу 50-100 метри на грчка територија и состојбата делумно е ставена под контрола, со тоа што во  тој период во функција беа ставени и водени топови.

Во 14.45 часот е добиена информација дека мигрантите подготвувале молотови коктели за да ги фрлат кон нашите безбедносни сили, при што е издадена наредба безбедноста да се подигне на највисоко ниво. Се до 18:00 часот група од околу стотина мигранти од грчка територија континуирано вршеше каменување на нашите служби. Половина час подоцна околу 18.30 часот состојбата се нормализираше, а сите групи на мигранти се повлекоа во длабочина кон грчка територија.

Инаку, според првичните проценки, во нередите учествуваа повеќе од 3000 мигранти. Во текот на целиот настан, грчките полициски службеници воопшто не интервенираа во спречување на нередите на граничната линија. За време на нередите повредени се вкупно 23 службеници и тоа 14 полициски службеници  и девет припадници на АРМ, оштетени се три возила на МВР и пет возила на АРМ како и повеќе полициски штитови и друга  опрема . Повредени странски полициски службеници нема.