Бизнис
29. January 2018 - 19:42

Граѓанските организации бараат повлекување на законот за оданочување со ДДВ на физичките лица

Додека не се дефинираат докрај сите детали од Законот за ДДВ, УЈП да се повлече од спроведувањето. 13 граѓански организации бараат привремено законот за ДДВ да важи само за оние случаи за кој тој е јасен, главно кај Договорите за издавање недвижен имот.

Овие препораки на граѓанските организации доаѓаат по обемната анализа која покажа повеќе недостатоци на законот. Прво, дефиницијата за самостојна стопанска дејност е нејасна. Штом нема јасна дефиниција, не е можна примена на законот, а тоа значи дека даночните инспектори паушално ќе го толкуваат. Најспорно е толкувањето на Законот дека и авторските договори треба да подлежат на ДДВ. Имено, со авторските договори се регулираат приходи од научни, уметнички, образовни, културни и слични дела. Кај авторските договори нема промет бидејќи не се врши пренос на авторското право кое претставува дефиниција за промет согласно постојниот закон за ДДВ. Токму на овој дел реагира и научната јавност.

Примената на ваков закон ќе продуцира правна несигурност, стои во анлизата.  „Граѓаните во улога на даночни обврзници се сведоци и во подолг временски период толерираа злоупотреба на јавни средства и на нивните даноци, ниска отчетност, правна несигурност, недопирливост на јавните личности за злоупотребени јавни ресурси, како и недостаток на дебата со независни експерти, со цел да се ислушаат нивните аргументи и ставови.  Оваа Влада се обврза дека ќе ја смени таа пракса за што и ја доби широката поддршка од граѓаните за промени. Сега, независната експертска јавност е револтирана од инсистирање на примена на нејасно, непрецизно и неусогласено решение, преку парцијално, паушално и арбитрарно толкување од државните органи“, се наведува во анализата на 13 граѓански организации.