Македонија
26. December 2018 - 11:49

Граѓански здруженија реагираат на одлуката да биде сменет директорот на НП Галичица

Реагираме на одлуката на Владата на Р.М. за смена на сегашниот в.д. директор на националниот парк Галичица, бидејќи сметаме дека за соодветно управување со заштитените подрачја во земјава потребни се стручни кадри со искуство во областа на раководни позиции кои ќе носат одлуки за унапредување на подрачјето.

Преку медиумите дознавме дека со одлука на Владата на Р.М. е разрешен сегашниот в.д. директор на НП Галичица- Андон Бојаџи, дипломиран шумарски инженер за кого знаеме дека има 25 годишно искуство во националниот парк како раководител на секторот природа и вистински ја познава областа за чие унапредување искрено и се залага. Г-дин Бојаџи е дел од тимот во речиси сите проекти за прекугранична и меѓународна соработка на паркот во насока на заштита и унапредување на природните богатства на регионот во кој работи. Во последните неколку години токму тој се залага за обезбедување самоодржливост на НП Галичица преку обезбедување финансии од еколошки туризам наместо од сеча на дрвја како што тоа беше пракса досега.  На негово место со одлука на Владата на Р.М. е назначен г-дин Васко Паскали кој е дипломиран правник.

Претходниот директор на националниот парк Галичица имаше многу ризични одлуки кои можеа да значат загуба на цели живеалишта. Во 2015 година тогашниот директор на паркот одобри цела низа инфраструктурни проекти како ски ресорт и автопат во строго заштитените зони на НП Галичица покажувајќи ни уште еднаш дека доколку сакаме заштита на природните богатства мора да имаме стручен кадар на овие позиции.

Ја прашуваме Владата зошто во случајов не е запазена законската постапка за избор на нов директор на паркот уредена со Законот за природа во член 141 каде јасно пишува дека директорот на ЈУНП се избира преку јавен оглас за вработување кој треба да биде објавен во најмалку три дневни весници кои се издаваат на територија на цела Р.М.  и зошто се откажува од успешни и стручни менџери кои одржливо управуваат со природните ресурси.

Македонија е земја која изобилува со природни богатства и многу ендемски и ретки видови и живеалишта со висок биодиверзитет. Токму вакви живеалишта има и во националниот парк Галичица и нивно одржливо управување треба да е приоритет за секој граѓанин.

Бараме да се ревидира одлуката на Владата и да се испочитува предвидената постапка предвидена со законот и бараме со вакви позиции да раководат луѓе кои се стручни во својата област и имаат докажано искуство во заложбите за заштита и унапредување на заштитените подрачја.

Сметаме дека како земја која има силни заложби да стане членка на Европската Унија токму сега мора да покажеме владеење на правото во државата.

Елена Николовска, претставник за група биодиверзитет од Координативно тело за соработка со институции кои имаат надлежности во сектор животна средина и клима, Македонски Зелен Центар, CNVP Македонија, Движење на екологистите на Македонија (Friends of the Earth Macedonia), ФРОНТ 21/42, Здружение за заштита на животни Анима Мунди, Здружение на инженери за животна средина