Граѓански протест за чист воздух во Кочани
Загаденоста на воздухот и деградирањето на животната средина беа причина денеска во Кочани да се одржи мирен протест, што го организираше неформално граѓанско движење, а на кој присуствуваа поголем број жители на градот и околните населени места.
На протестот беа изнесени податоци за високото ниво на загаденост на амбиенталниот воздух, а како причинители беа наведени индсутриските капацитети, градската депонија и палењето на сламата и стрништата на земјоделските површини. Притоа, од надлежните институции беше побарано да преземат конкретни мерки за подобрување на состојбата и санкции за прекршителите.
– Крајно време е да се избориме за правото да дишеме воздух во кој секојдневно се испуштаат штетни материи што го загрозуваат нашето и здравјето на најмладите. За лошата состојба се заинтересираа и еколошки друштва од Холандија и Швајцарија кои ни донираа мерни инструменти, така што имаме конкретни податоци за состојбата на дневно ниво. Пред два дена меревме кај фабриката за хартија од чиј оџак излегува црн чад и добивме резултат од 360 единици, иако дозволеното ниво не треба да надминува десет, што се фрапантни бројки. Дојдовме до сознанија дека околу 80 отсто од граѓаните кои бараат лекарска помош се жалат на респираторни проблеми, а сето тоа е резултат на нечистиот воздух. Проблем е и палењето на стрништата и сламата, но и чадот што секојдневно изллегува од јавната депонија во близина на градот. Затоа бараме итни мерки тоа да се стопира и да го оствариме основното човеково право на чист воздух, истакна Орце Николов, претставник на граѓанското движење од Кочани.
На протестот присутвуваше и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој нагласи дека локалната власт дава поддршка на барањата од граѓаните, при што информираше за мерките што Општината ги презема во рамки на своите надлежности.
Паралелно со протестот во Кочани, жителите на селото Бели во чија непосредна близина е лоцирана градската депонија, го блокираа регионалниот патен правец кон планинскиот туристички центар на Пониква и излегоа со барања да се спречи нејзиното горење и да се забрза постапката за затворање.
Ново на Сител
-
Отворени избирачките места, право на глас имаат 1.814.317 граѓани
-
Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за пријавување повреда на избирачко право
-
Граѓаните гласаат за седми претседател на државата
-
Изборните денови 24 април и 8 мај неработни за сите граѓани
-
Јавниот превоз во Скопје со неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
-
Американскиот Сенат одобри 95 милијарди долари помош за Украина, Израел и Тајван
-
Лични документи можат да се подигнат и денеска
-
Променливо облачно со сончеви периоди, на крајот на денот дожд