Бизнис
4. May 2019 - 16:29

Граѓански организации контра извршителите: Го кршите законот и вршите лихварство

Граѓанските здруженија бараат ревизија на работата на извршителите. Велат дека и покрај тоа што новиот тарифник предвидува наградата за извршителите да изнесува најмногу 20% од главниот долг, тие како основ за наплата ја земаат предвид и каматата.

“Вистината е дека не е само основниот долг, односно главницата во тие 20%, туку е земана и каматата. Така да, имаме еден вид на прогресија, варијабила, така да овој трошковник е лихварски трошковник, односно како се зголемува каматата, така се зголемува и трошковникот”, вели Ана Глигорова од здружението “Човекот над профитот”.

За ова прашање не успеавме да добиеме став од Комората на извршители во земјава.

Преставниците на граѓанските здруженија велат дека се работи за виртуелни долгови од што се засегнати стотици илјади граѓани. Според нивните информации во земјава блокирани се вкупно околу 130.000 сметки, од кои над 80.000 се на физички лица.

“Голем дел од луѓето се жалат дека им доаѓаат огромни, вируелни, астрономски трошоци. Да кажеме, за основна сума од 1.000-2.000 денари, доаѓа износ од 20.000-30.000 денари. Или, некој мал потрошувачки кредит кој бил 1.000 евра, сега е 5.000, 6.000 или 10.000 евра, што е ненормално. Ние апелиравме на мораториум, замрзнување на извршувањата за да може да се направи ревизија. Ако не се направи мораториум на извршувањата на физички лица не може да ги прегледуваш, владее хаос. Не е работата во нередовното плаќање, туку проблемот е во виртуелниот долг. Ти може и нередовно да плаќаш, ама да го платиш тоа што си должен со некоја минимална камата. Во голем дел од високоразвиените земји тоа е некоја камата од 2%”, вели Глигорова.

Граѓанските здруженија се борат за тоа концизно да се дефинира застарувањето на долгот, бидејќи, како што велат, дури и делото убиство застарува, не неплатениот долг никогаш.