Македонија
20. July 2017 - 14:30

Граѓанска иницијатива „5 до 12“: Лицата со посебни потреби да бидат приоритет

Лицата со посебни потреби да бидат приоритет во програмата на Владата и во работата на Собранието, да бидат приоритет при креирањето на буџетот на Република Македонија и буџетите на општините, граѓанскиот сектор да биде вклучен во креирањето на политиките кои се однесуваат на овие лица, во изнаоѓањето решенија за подобрување на нивниот живот и во имплементацијата и супервизијата на проектите.

Ова се барањата на граѓанската иницијатива „5 до 12“ кои денеска на прес-конференција во паркот „Жена борец“ каде кампуваат ги изложи нивниот претставник Сузана Стојановска. 

- Кампуваме веќе четврти пат, тоа значи четири месеци - 60 дена во претходната власт, 60 дена во оваа власт. Немаме ништо конкретно. Имавме работни средби, договори со сите министри, меѓутоа ништо конкретно не се случува. Има позитивна клима, се договораат некои работи, но ние немаме време за чекање. Сакаме нешто конкретно. Бараме состаноци, средби со најодговорните односно со премиерот. Го повикувам да најде време 10 минити разговор да му објасниме што сакаме, рече Стојановска.

Посочи дека секој граѓанин може своеволно и доброволно да ја даде поддршката на граѓанската инцијатива „5 до 12“ во покренување на локални и национални иницијативи во Собранието, со потпишување изјава за поддршка.

- Ги повикуваме граѓаните да дојдат да ја потпишат оваа изјава за поддршка. Со сто вакви изјави може да се иницира менување на еден закон. Треба да промениме многу закони, додаде Стојановска.