Бизнис
7. August 2019 - 16:43

Граѓаните се жалат дека животот станува се поскап

Поскапува животот во земјава, покажуваат последните податоци на Државната статистика. Најголем раст на цените на годишно ниво се забележува кај лебот, алкохолот и цигарите, здравствените и транспортните услуги. Овие производи во јули годинава се продавале за 5% до 7% поскапо од лани.

Граѓаните велат дека поскапување чувствуваат секојдневно. Потенцираат дека месечната заработувачка не е доволна ниту за задоволување на основните животни потреби.

Според цената на трошоците за живот, Еуростат ја рангираше земјава како втора најевтина за живеење, споредено со другите европски држави. Но, граѓаните велат дека воопшто не е така ако се земе предвид заработувачката. Просечната плата во земјава е 410 евра, што е меѓу најниските споредено со државите од регионот.