Свет
21. јуни 2020 - 13:06

Граѓаните сакаат најубавата авенија во светот-Шанзелизе да биде со „повеќе зеленило“

Според испитувањето направено од Комитетот Шанзелизе, за идното уредување на Елисејските полиња, граѓаните посакуваат тие да бидат позелени, да бидат вистинска пешачка зона, и место каде може да се ужива во францускиот начин на живеење, јави дописникот на МИА.

Со големото испитување на Комитетот Шанзелизе, беа опфатени 96.702 испитаници, кои формулираа осум приоритетни идеи за подобрување на „најубавата авенија на светот“.

Испитаниците кои се парижани, жители на парискиот регион и други, поканети да одговорат на прашањето „Што би сакале да промените за да ги подобрите Елисејските полиња?“, дадоа „повеќе од 2000 предлози“ , што помогна да се изнесат „осум приоритетни идеи“, забележува Комитетот на Елисејската полиња, кој во ова гледа „синтеза на очекувањата на жителите на Ил де Франс за „Градот на иднината“.

Меѓу овие приоритетни идеи, учесниците најпрво ја поддржаа идејата за засадување на авенијата со насади на дрвја и грмушки или инсталирање на паркови, но и за развој на отворени и порозни почви со цел да се фаворизираат проток на вода и создавање острови на свежина. Тие потоа бараат „да се создаде вистинско пешачко шеталиште од Тујлиери до Триумфалната капија, со тоа што се олеснуваат преминувањето на пешаците, со зголемување на бројот на местата каде има вода, јавни тоалети, клупи и местата каде може да се застане бесплатно“.

Тие исто така сакаат „подобро споделување на јавниот простор помеѓу различните средства за мобилност, со развој на велосипедите, но „на обележани патеки добро одвоени од автомобилите и пешачките простори (исто и за тротинетите)“, и „намалување на просторот резервиран за автомобилите“, без да посакаат Елисејските полиња да бидат целосно пешачка зона.

Меѓу другите популарни предлози, се бара присуство на авенијата на локалните продавници и промовирање на „француско знаење, гастрономија и уметност на живеење, наместо големите меѓународни синџири на храна и облека“, Потоа промоција и зачувување на „елементи на наследството на авенијата како ламбите, столбовите Морис, фасадите од стилот Хосман, камената коцка и историските градини и одржување на историските културни места (музеите, кината и театрите).

Учесниците во испитувањето спроведено од 14 февруари до 4 јуни, се изјаснија за „безбедност и спокојство на авенијата, со интензивирање на борбата против џепчиите и несаканите застанувања (просјачење) и засилување на напорите во смисла на чистотата“.

Заклучоците од оваа голема консултација им се дадени на сите кандидати за општинските избори во Париз, каде на 28 јуни се гласа за нов градоначалник. Оваа граѓанска консултација ја придружуваше изложбата „Шанзелизе историја и перспектива“, на која е претставен проект за урбано обновување на авенијата од архитектот Филип Киамбарета, која е продолжена до 6 септември заради епидемијата со коронавирусот.