Македонија
27. May 2020 - 16:43

Граѓаните кои се во државен карантин се чувствуваат дискриминирано од одлуките на Владата

Поминале 14 дена строг карантин, и уште 2 месеци изолирани на брод со строго почитување на мерки за заштита, мерење температура два пати на ден и држење физичка дистанца, а по враќањето во Македонија беа принудени да одат во државен карантин.

60-тина македонски државјани кои вчера се вратија од Барбадос и беа однесени во Струга во државен карантин велат дека се чувствуваат дискриминирани. Освен тоа, не можат да разберат зошто на дипломатите и нивните семејства не важи ваквата одлука.

-Нема никаква логика зошто тие би биле поимуни на некаква болест од сите останати во Република Македонија. Тоа е многу дискриминирачки за нас, вели Христијан Неделкоски, еден од Македонците кои вчера се вратија од Барбадос.

Владата вчера одлучи дека доколку лицата во државен карантин на свој трошок се тестираат, а тестот е негативен тие да можат да одат во домашна самоизолација. Но, повратниците од Барбадос велат дека се уште е нејасно како сето ова би се спровело.

-Моментално без разлика што има одлука со негативен тест да заминеме во карантин, во пракса всушност ја немаме таа опција зашто нема кој да одлучи ти да заминеш од карантин и да одиш во домашна самоизолација. Изутрината се консултиравме со лекарите тука кои ни мереа температура. Ниту тие самите не знаат кој одлучува за тоа кој оди дома по негативниот тест, вели Неделкоски.

Од почетокот на епидемијата досега 5030 луѓе се спроведени во државен карантин, а во моментот 816 лица се сместени во 11 објекти. До 30 мај во Македонија треба пристигнат 50тина државјани преку аеродромите во Софија и Тирана.