Македонија
23. September 2021 - 16:36

Граѓаните добија нова можност да пријават сомнеж за корупција и претставки за администрацијата

Граѓаните од утре ќе можат да поднесуваат претставки за работата на администрацијата и сомнежи за корупција преку порталот за е-услуги. Ова, како што тврдат надлежните, има за цел да ги подобри услугите кои граѓаните и фирмите ги добиваат од државните институции.

-Преку него граѓаните и правните лица ќе може да испратат пријава за која било услуга во било која институција како најавени корисници или пак анонимно со можност на евидентирање на проблемот на пријавата, вклучително и на можноста за корупција. Истото ќе може и да го сторат и преку телефон за што е воспоставен повикувачки центар и е отворена телефонска линија уште од денеска, Николовски.

Во наредниот период министерот за администрација најави дека до крајот на годинава ќе бидат промовирани нови услуги кои ќе бидат достапни преку е-услуги.

- Ќе се промовираат и десетина услуги со МВР, Министерството за земјоделство, за економија, за надворешни работи итн. Секако, со секој систем постојано има нешто што може да се подобри, да се унапреди, да се направи поефикасно. За нас од исклучителна важност е искуството на граѓаните во однос на услугите кои добиваат од институциите.

Во изминатиот период граѓаните се жалеа за работата на институциите бидејќи поради пандемијата многу од буџетарите работеа од дома, па поради тоа отежнато беше издавањето на одредени документи.