Бизнис
20. March 2019 - 19:39

Граѓаните да внимаваат кога уплатуваат за одмор преку интернет, инспекторите не можат да ја следат е-трговијата

Граѓаните да внимаваат при онлајн купување на туристички аранжмани и воопшто производи зашто Пазарниот инспекторат нема капацитет да ја следи е-трговијата. Туристички агенции без лиценци се уште мамат граѓани, предупредуваат надлежните. Потрошувачите мора да потпишуваат договори со агенциите, но и да проверат дали тие ја имаат потребната лиценца пред да уплатат за аранжманите. Претставници од пазарниот инспекторат веќе превентивно се состануваат со туристички работници за да се намали бројот на измами.

- Ниту имаме средства, ниту имаме начин, ниту обучени инспектори кои што можат да ги гледаат сите онлајн продажби. Затоа известувањето стои веќе шест месеци на страната на Државниот пазарен инспекторат, токму да ги предупредиме граѓаните што ги очекува ако земаат туристичка услуга од онлајн нудители на услуги, вели директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски

Агенциите добиваат лиценци и тие можат да бидат организатори на патувања и да нуди туристи надвор од државата, но и да носи туристи од други земји. Или да организира патувања само во државата, но можат да продаваат аранжмани за агенции кои можат да патуваат надвор.

- Може агенциите да бидат на физичко место, но истовремено да имаат онлајн продажба. Во моментот кога се гледа името на агенцијата, граѓаните да проверат на веб сајтот на Министерството за економија дали таа туристичка агенција е лиценцирана, вели Министерот за економија, Крешник Бектеши.

Министерството за економија подготвува законски измени за да се зајакнат условите за добивање лиценци. Најверојатно ќе се воведува банкарска гаранција за агенциите кои ќе организираат патувања надвор од државата. Со тие пари ќе се обештетуваат граѓаните не ја добиле услугата која ја платиле.