Македонија
21. September 2020 - 14:29

Градоначалникот Шилегов не се откажува од тунелите под Кале

До крајот на месецот градоначалникот Шилегов најави дека ќе распише нов тендер за избор на фирма која ќе го направи проектот за тунелот. Откако го раскина договорот со првата фирма бидејќи не испорачала проект до истекот на рокот, Шилегов вели дека претпочита пред секој проект прво добро да испланира. 

„Јас сум човек кој преферира добро да испланира пред да влезе во реализација, затоа и многумина мислеа дека првата година градоначалникот не работи ништо. Но, видовте дека како влеговме во реализација немаме застанато и јас немам намера да застанам, дали нареднава една, дали наредниве пет години. Во таа една, односно пет години ќе дојде до реализација и на тунелите,“ Петре Шилегов.

За зградите во „Расадник“ вели значително го намалиле процентот на квадратни метри на кои според планот  првично требало да се гради. Да се спречи се е невозможно бидејќи веќе се издадени решенија. Во новиот ГУП кој допрва треба да се креира најави дека акцентот ќе биде ставен на хуманиот, економскиот и еколошкиот развој на градот. 

Стационарот Лајка се уште не е во функција бидејќи се правеле последните подготовки по што ќе следи контрола од АХВ. По 25 септември Шилегов најави негово отворање. 

По протестите и реакциите за депонијата Вардариште вели била изработена студија за санација со најсовремени техники но Град Скопје немал доволно средства за да ја расчисти. 

„За имплементација немаме доволно средства бидејќи се потребни околу 15 милиони евра. Предвидени се посебни подлоги  за сливање на отпадните води, собирањето, санацијата побаруваат посебен третман. Кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ ќе се отворат и фондови па во соработка со министерството за животна средина ќе работиме на овој проблем. Добро е што во овие три години мандат се отворија прашања кои се стари 30 години.“

 

Мирјана Давидовска