Македонија
7. February 2018 - 17:45

Градоначалникот на Скопје нема да ја укине забраната за возила до Средно Водно

Градоначалникот Шилегов засега не планира да ја укине забраната за возила на Водно за викенди и празници. По реакциите на угостителите, црквата, болницата и планинарскиот дом дека одлуката е незаконска,  Шилегов не демантира и  тврди дека истата како таква  дава позитивни резултати. Според градоначалникот забраната за возила придонесува за намалување на загадувањето но мерните станици покажуваат дека Скопје се уште е еден од најзагадените градови во Европа.

Угостителите кои повеќе од 3 децении работат на Средно Водно се пожалија дека ги загубиле гостите и приморани се да затворат доколку не се укине оваа забрана. Последните три месеци не се закажуваат ниту венчавки и кршевски во Црквата Рождество на Пресвета Богородица.

Од друга страна таблите кои се поставени на патот   не постојат во регистарот на сообраќајни знаци реагираат угостителите и велат според законот регионален пат каков што е овој не смее да биде затворен за сообраќај, освен во услови на војна, елементарна непогода.

Дека забраната не се почитува а граѓаните повторно со возила доаѓаат на Водно за викенд, сведочи и снимката која ја емитувавме минатиот викенд. Покрај автобусите на ЈСП сообраќаат и голем број приватни возила. Нарушена е и безбедноста на граѓаните бидејќи овој пат не е пешачка зона. За да не бидат повредени луѓето се приморани да се тргаат на страна при секое возило што ќе наиде на патот.