Македонија
19. December 2018 - 15:34

Градоначалникот на Кисела Вода Темелковски се сретна со италијанскиот амбасадор Ромео

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски, денеска имаше средба со италијанскиот амбасадор во Македонија, Карло Ромео.

На средбата, како што информираат од општина Кисела Вода, Темелковски го информирал амбасадорот за дел од сработеното од почетокот на неговиот мандат како и за плановите и проектите што ќе се преземат во иднина за подобрување на секојдневниот живот на жителите. Темелковски зборувал и за Советот на стопанственици на Кисела Вода, кој по негова иницијатива оваа година се формирал со цел да го подобри нивното деловно работење.

Двајцата соговорници на средбата дискутирале и за културна и економска соработка помеѓу Амбасадата на Италија и општина Кисела Вода. Ромео и Темелковски најголем акцент ставиле на културната соработка. Дискутирале за можноста за изучување на италијанскиот јазик во основните училишта, кои се во надлежност на локалната самоуправа.

Градоначалникот Темелковски истакнал дека лично нему многу му се допаѓа оваа иницијатива и дека согласно интересот во училиштата истата ќе се реализира. Во делот за економска соработка зборувале за можностите на општината за инвестиции на фирми од Италија.

Ромео нагласил дека реализацијата на проектот за изучување на италијанскиот јазик кој доби поддршка од Владата на Република Македонија целосно е поддржан и финансиран од Министерството за надворешни работи на Италија во соработка со Амбасадата на Италија и Институтот „Данте Алигиери“. Тој додал дека истиот има за цел да го промовира  италијанскиот јазик и култура во основните училишта во Македонија. Имено од почетокот на октомври учениците од петто одделение во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ започнаа да го изучуваат италијански јазик како изборен предмет.

На состанокот присуствувуваа секретарот Александар Алексовски и претседателот на Советот на општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ, Марко Пешетели, лектор и одговорно лице за делот култура во Амбасадата на Италија, Радица Никодиновска, професор на Катедрата за италијански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и претседател на Здружение на професори по италијански јазик во Република Македонија, информираат од општина Кисела Вода.