Македонија
21. November 2019 - 19:32

Градоначалникот на источен Самос подготвен да поднесе оставка ако грчката влада не отстапи од планот за бегалците и мигрантите

Одлуката на грчката влада, на островот Самос да го затвори постоечкиот бегалски кам, а оној што е во фаза на изградба да го прошири и да го претвори во затворен центар и центар за прием и регистрација на бегалци и мигранти со капацитет од 5000+, наиде на реакции кај локалната власт, а градоначалникот на источниот дел од островот вели дека е подготвен да си поднесе оставка, јави дописничката на МИА од Атина.

Јоргос Станѕос, градоначалникот на источен Самос, на синоќешната вонредна седница на општинскиот совет рекол дека ако не се повлече одлуката „островот да се претвори во затвор“, тогаш има намера да си поднесе оставка, а добил поддршка и од членовите на советот.

Во изјава за весникот „Катимерини“, објаснува дека не е против изградбата на затворени центар, туку не се согласува со одлуката да се зголеми капацитетот на 5000 или повеќе лица, бидејќи првичниот договор и план било новиот камп да биде за околу 1000 лица.