Македонија
11. February 2019 - 15:32

Градоначалникот Коцевски побара темелно преиспитување на распределбата на средства во културата

Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски на денешната прес-конференција остро реагираше што културната манифестација „Рацинови средби“ добила само 105 илјади денари, а без ниту денар останале и Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, Меѓународниот фолклорен фестивал „Велес“ и Меѓународниот салон на стрип. Според него, минимални средства за претстави добил и НУЦК Народен театар „ЈХК –Џинот“, и ниту денар за гостувања и други оперативни расходи.

Коцевски оцени дека Велес поминал најлошо во распределбата на средствата од Министерството за култура. Тој  потенцира дека ја подржува изјавата на претседателот на Владата Зоран Заев, за поништување на одлуката за поддршка на проекти од национален интерес објавена пред неколку дена.

-Најавата на министерот за култура, господинот Асаф Адеми за преиспитување и анализирање само на одбиените проекти не е доволна, сметам дека треба да се направи темелно преиспитување за начинот на распределбата на средствата. Велес како еден од стожерите во македонската култура помина многу лошо во распределбата на средствата, а без Рацин, Крсте Мисирков, Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски  и многу други ние сме ништо. Овие великани се нашиот јазик, нашиот знак за препознавање и затоа мора со достојна почит да се однесуваме кон нив и да издвојуваме соодветни финансиски средства за организирање на манифестациите кои треба да бидат темел на македонската култура, потсети Коцевски.

Тој реагира што манифестацијата во чест на Коста Солев Рацин во Велес, традиционалните „Рацинови средби“ за годинава доби минимални 105 илјади денари, за разлика од други помалку реномирани кои  од Министерството за култура добиле далеку поголеми финансиски средства.

–Рациновите средби ги организираме во чест на Рацин, најголемиот меѓу живите и мртвите што би рекол Гане Тодоровски, златоусти поети, најголемиот македонски поет на сите времиња, нашиот најголем знак за препознавање, еден од основоположниците на современата македонска литература. Оваа година нашите амбиции се заедно со Друштвото на писатели на Македонија, Советот за македонски јазик при Владата на Република Македонија и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ да направиме „Рациновите средби“ да бидат реномирана меѓународна културна поетска манифестација,потенцира Коцевски.

 Тој рече дека Министерството за култура ја довело во заблуда Општина Велес со ставот дека не може да аплицира како општина поради што Општината била принудена да аплицира преку здруженија на граѓани.

–Од друга страна во одлуката на Комисијата се наоѓаат апликации на општини како Битола, Прилеп, Илинден што ја доведува Општина Велес во нерамноправна положба. И затоа  упатувам  апел до членовите на Комисијата добро да внимаваат и да проценат што е од национален интерес во културата, потенцира Коцевски.