Македонија
5. January 2022 - 20:05

Градоначалничката Арсовска го посети СОС Детското село и достави пакети со прехранбени производи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска посети дел од згрижувачките семејства на СОС Детско село Скопје. Тие згрижуваат и овозможуваат топол дом и семејство на поголем број деца во социјален ризик, деца без родители и деца и млади кои се лишени од правото на родителска грижа.

Арсовска при посетата, како што соопшти Град Скопје достави пакети со прехранбени производи до СОС Детското село за 68 загрижувачки семејства, како и подароци за децата. Разговараа за животот таму, предизвиците со кои се соочуваат и можностите со цел овозможување на поквалитетни услови за живот и поголема инклузија на овие деца.

– Овие згрижувачки семејства со безрезервна поддршка и љубов, се топол дом и семејство за децата во социјален ризик, децата без родители како и младите без родителска грижа кои честопати се лишени од ова право. Денеска посетивме дел од семејствата и ги изненадивме најмалите со подароци, нема нешто поубаво од детска насмевка и радост, знаејќи дека имаат топол дом и згрижувачко семејство кое се грижи за нив. Овие згрижувачки семејства, со својата хумана мисија не само што обезбедуваат топол дом и семејство за дечињата од СОС Детското село, туку и им се и голема поддршка. Градот Скопје ќе биде активен партнер и поддржувач на мисијата и активностите на СОС Детското село и на овие згрижувачки семејства, истакна градоначалничката Арсовска по посетата на СОС Детското село.

Таа го посети и Ресурсниот центар на СОС Детското село, каде се сретна со директорката Александра Ивановски, семејства корисници на услугата советување и менторство по напуштање на грижа, како и со неколку млади кои имале статус деца без родителска грижа.