Македонија
3. September 2020 - 16:43

Градинките почнуваат со работа во среда, властите тврдат дека се подготвени

В среда градинките ќе можат да ги згрижат сите деца на самохрани и родители кои работат, а не можат да ги извршуваат обврските од дома, истакна министерката за труд и социјала. Таа посочи според новите протоколи воспитно- образовните установи имаат капацитет за 19.000, а биле пријавени 14.555 деца. Шахпаска вели дека засега според приоритетното згрижување ниту една градинка не е максимално исполнета. Ги повика општините доколку има потреба да вработат дополнителен кадар, но и да најдат начин да ги сместат сите деца доколку има поголем интерес. Останува да важи и мерката еден родител да биде ослободен од работа доколку има дете до 10 години.

-Доколку во една градинка е исполнет капацитетот детето може да биде згрижено во друга градинка каде има слободно место, но само во рамки на иста општина, рече Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Министерот за здравство потенцираше дека градинките ќе функционираат под строго утврден протокол. Покрај редовна дезинфекција, вработените мора да носат маски. При влез задолжително ќе се мери  температура, децата ќе јадат во занималните, нема да има мешање на групите кои се преполовени. Родителите треба да ги носат во точно утврдено време и нема да можат да ги земат кога ќе посакаат.Во случај некое дете да пројави симптоми ќе биде изолирано се до понатамошен третман. 

Воспитувачките и негувателките нема повторно да бидат тестирани, а Филипче смета дека скринингот во мај со кој беа опфатени 4448 вработени во градинки, не бил безцелно, зошто биле откриени неколку позитивни.

- Алгоритмите за третман на евентуално заразени се доволни да се следи инфекцијата, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

И покрај отворањето на градинките идната недела останува да важи и мерката еден родител да биде ослободен од работа доколку има дете до 10 години.