Македонија
27. September 2022 - 16:33

Градинките ќе имаат греење, за училиштата општините стравуваат дека ќе бидат доведени во тесно

Греење во градинките ќе има, уверува министерката за труд и социјала. Таа е категорична дека предшколските установи нема да се доведат во ситуација да бидат затворени поради недостиг на струја или парно наредниот период.

  • Не треба да се плашат ниту родителите, ниту општините дека може да се доведе во случај да нема парно во градинките. Парно ќе има и за граѓаните и за градинките, бидејќи Владата е одговорна, се грижиме за граѓаните и ја менаџираме енергетската криза, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Тренчевска вели дека во министерството не добиле поплаки од директори на градинки за високи сметки за струја последните месеци, најверојатно зошто овие установи не плаќаат индустриска струја.

Но, ова не е случај со училиштата. Поради високите суми за електрична енергија општините мака мачат како да ги покријат трошоците. Во прашање се доведува и како ќе се реализира наставата поради големите долгови, а секаде нема услови да се штеди со одење во една смена. Дел од градоначалниците велат дека никој не е подготвен за зимата поради неизвесноста со струјата, други пак бараат алтернативи за греење на училниците.

Инаку генерално сите градоначалници се против затворање на училиштата поради енергетската криза. Дел се подготвени и сами да ги покриваат трошоците доколку Владата не ги обезбеди потребните пари за струја и греење само да не сопре наставата со физичко присуство.