Бизнис
18. August 2018 - 17:15

Градежниот сектор ја губи работата на странските пазари, бараат државата да им помогне да најдат нови

Македонските градежници ја преполовија оперативата во странство. Статистиката покажува дека во првата половина годинава вкупната вредност на договорени градежни работи во странство изнесува околу 15 милиони евра, што е за 54,6% помалку во споредба со истиот период лани. Причина за тоа е што градежните проекти на македонските компании во Босна и Херцеговина, каде се најактивни, се во завршна фаза. Од Здружението на градежници не се оптимисти дека до крајот на годинава бројките ќе тргнат во нагорна насока.

“Како Здружение очекуваме дека до крајот на годинава бројот би се намалил уште повеќе, би имале уште подрастичен пад во однос на извршените работи во странство, со оглед на фактот дека проектите што ги работат нашите компании во странство се во завршна фаза. Со тоа што сме оптимисти дека до крајот на годинава, имајќи предвид колку македонските компании учествуваат на јавните набавки во странство, а очекуваме еден или два поголеми тендери, можеби бројот на договорени работи ќе претрпи некои измени и нема да има толку драстичен пад”, вели Андреа Серафимовски, претседател на Здружение на градежништво, индустрија со градежни материјали и неметали, при Стопанска комора на Македонија.

Градежниците веќе неколку пати побарале државата да ги поддржи при нивниот настап во странство, бидејќи таму го гледаат потенцијалот на долг рок. Со оглед на тоа што градежништвото е клучен креатор на БДП, се надеваат дека државата ќе им помогне на компаниите да настапат на пазари надвор од земјава, имајќи предвид дека многу поразвиени економии и многу поголеми држави го прават истото.

“Имајќи го предвид фактот дека македонските компании во странство секогаш работат со сопствени ресурси, повлекуваат ресурси и работна сила од матичната земја, цениме дека таа помош би се вратила во следните години повеќеструко.

Паралелно го следиме и настапот на компаниите од другите држави и имаме многу позитивен пример од Турција, која што им дава голема поддршка на компаниите при нивниот настап во странство и мислиме дека нашата држава треба да се огледа на нивниот пример, сè со цел да ги зајакне тие компании зашто државата секако би имала многу поголем бенефит”, објаснува Серафимовски.

Градежниот сектор во првиот квартал годинава се соочи со сериозен пад од 37% главно поради застој на гредежните работи во нискоградбата во земјава. Продолжувањето на градежните активности во втората половина годинава ја враќа надежта дека барем на домашниот пазар градежништвото ќе успее да го неутрализира големиот резултатски минус.