Бизнис
26. November 2018 - 19:45

Градежниците се жалат дека 2018 била најлоша во последните 15 години

За 10 месеци реализирани се само 41% од капиталните инвестиции предвидени за годинава. Заклучно со октомври, потрошени се 123,5 милиони евра. Поради слабата реализација, со ребалансот на буџетот најголемо кратење се направи токму во оваа ставка. Но, иако скратени, преостануваат уште речиси 180 милиони евра, пари што треба да се потрошат за таа намена за само два месеци.

Ниската стапка на реализација на капиталните проекти се одрази и на падот во градежништвото. Овој сектор првата половина годинава ја заврши во негатива од 12,9%.

Владата најавува експанзија на капиталните инвестиции во наредниот период.

“Очекуваме сериозно интензивирање на капиталните проекти, конкретно за наредната година ќе бидат над 300 милиони евра во проекти. Моите очекувања се дека во наредниот период ќе продолжи интензивно соработката, бидејќи на оваа Комора Министерството за транспорт и врски и Владата на РМ гледаат како сериозен партнер”, изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Градежниците се надеваат дека во иднина нема да се повторат негативните бројки како што се случи годинава.

“Цениме дека сега е моментот кога треба Министерството за транспорт да ја обедини целата фела сè со цел најавените инвестиции, кои што се најголем буџет во последните години, да почнат да се реализираат без проблеми и течат како во сите нормални земји”, изјави Андреја Серафимовски, претседател на Здружение за градежништво при Стопанска комора на Македонија.

Во буџетот за идната година, за капитални проекти предвидени се 418 милиони евра.