Македонија
31. January 2019 - 16:03

Град Скопје во февруари ќе донесе новата одлука за концесионер за „Дрисла“

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов очекува дека во текот на февруари Град Скопје ќе ја донесе новата одлука за концесионер и оти во целост ќе се стави целосна контрола над работата и функционирањето на „Дрисла“.

– За мене кога е во прашање „Дрисла“, многу поприоритетно е во текот на февруари конечно да ја донесеме одлуката за концесионерот за да ги ставиме контроверзите што се околу овој капацитет зад нас. Упорно го повикувам Државниот инспекторат за заштита на животната средина како надлежен орган да ги засилува инспекциските надзори над инсталациите за кои е одговорен, а кои се наоѓаат на територија на Град Скопје, Дрисла, Железара, Усје, треба да бидат перманентно на 24-часовен надзор. Да е тоа ингеренција на Град Скопје така ќе биде,  за жал тоа е ингеренција на Инспекторатот за животната средина и јас постојано сум во контакти и ја водам таа работа, рече Шилегов на денешната прес-конференција.

Прашан дали утре ќе присуствува на 15-минутна блокада пред вратата на депонијата „Дрисла“ што ја организира Движењето за чист воздух, рече дека тој проблем мора да се реши системски, а не паушално.

– Апелот од граѓаните во целост го разбирам затоа што тоа е капацитет што седум или осум години не носи бенефит, а суштината е да носи бенефит за граѓаните на Скопје. Напротив, предвикува само проблеми, рече Шилегов.

На новинарско прашање дека средствата на Град Скопје наменети за култура се делеле на блиски луѓе и вработени на Шилегов, рече дека Никола Наумоски бил граѓански активист пред тој да стане градоначалник.

– Како граѓански активист беше дел од мојот изборен штаб. Како граѓански активист стана шеф на Кабинетот на градоначалникот на Град Скопје. Во моментот кога зазема определена функција на која може да има определено влијание брз определени процеси, тој го замрзна своето членување и е повлечен од органите на управување во тоа здружение, рече Шилегов, потсетувајќи на законот како се формира здружение.

Појасни дека Програмата за поддршка на културата во Град Скопје е 16 милиони денари.  Лани и оваа година, како што рече, првпат во историјата на Скопје јавно се објавуваат здруженијата, физичките лица и правните субјекти кои ја добиваат помошта од Градот и износот на сумата.

Шилегов смета дека нема ништо сомнително во случајот и оти Здружението „Плоштад Слобода“ е синомним за граѓански непокор.