Македонија
26. September 2015 - 17:33

Град Скопје: Сообраќајките се поради невнимание на поединци, а не поради недостатокот на инфраструктура и сигнализација

Денешниот протест пред Град Скопје, насловен како „Коце, врати ни ги улиците“, го оценуваме како невкусна политичка игра спроведена од страна на организаторите, реагираат од Град Скопје.

-Навистина не ја разбираме потребата од грубо лажење на јавноста дека за овие сообраќајни несреќи е одговорен Град Скопје или градоначалникот. Неколкуте сообраќајни несреќи кои организаторите на оваа група ги посочуваат како причина за денешниот протест, се случија поради невнимание на лицата кои управуваа со моторните возила, а не поради недостатоци со сообраќајната инфраструктура или со недостатокот на хоризонтална и вертикална сигнализација (обележан пешачки премин, обележани сообраќајни летни, сообраќајни значи, поставени семафори...). Во последните две сообраќајни незгоди каде животот го загубија велосипедистите, истите се случија на обележани пешачки премин за велосипедисти со црвена боја. Ова е и случај со најголемиот број на вакви трагични настани, што е и констатирано со анализите на Министерството за внатрешни работи, каде како најчеста причина за случување на сообраќајни незгоди со потешки последици на подрачјето на градот Скопје е човечкиот фактор, односно брзото возење, непочитувањето на правилата за првенство на минување, управувањето на возила под дејство на алкохол, како и управување на возила без поседување на возачка дозвола, реагираат од Град Скопје.

Оттаму велат дека токму поради овие факти, не ја разбираат потребата на организаторите на овие протести да ги посочуваат Градот Скопје и градоначалникот како главни виновници за ваквите сообраќајни несреќи.

-Апелираме ваквите трагичните настани да не се злоупотребуваат за нечија себепромоција и дневни политички игри, се вели во реакцијата на Град Скопје.

Инаку, за вчерашната сообраќајна несреќа во која 20 годишно момче со автомобил „Ауди“ прегази велосипедист, кој подоцна им подлегна на повредите во болница, информациите од очевидци говорат дека велосипедистот поминал на обележан премин. Неофицијално возачот на „Аудито“ нема возачка дозвола. Извори од истрага, пак, откриваат дека на возачот му биле земени примероци од крв и урина кои се предадени на понатамошна анализа.