Македонија
12. January 2023 - 16:33

Град Скопје со кривична пријава за Цементарница УСЈЕ заради загадување на воздухот

- Граѓаните во Скопје недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении не трујат.

Арсовска во отворена војна со Цементарница Титан УСЈЕ. Иницира кривична постапка против фабриката поради зголемена концентрација на штетни честички. Тврди дека Град Скопје во два наврати направил сопствени мерења со помош на акредитирана лабораторија – на 26 и 27 декември и 3 и 4 јануари. И во двата наврати мерењата покажале три пати поголеми испусти на ПМ 10 честици во воздухот од дозволеното.

-При последното мерење констатирање пречекување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух. Дополнително, за загадувањето од Котларата за загревање на Цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што резултатите од мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажуваат 711 милиграми на метар кубен.

Цементарница ја демантира Арсовска. Компанијата тврди дека емиисиите се пониски од дозволените гранични вредности.

-На прес конференцијата без изнесени и податоци за мерења на 26. и 27. декември 2022 година. Вакви мерења во овие денови во кругот на фабриката воопшто не се направени, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со УСЈЕ. Мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 од страна на ДИЖС и инспектори за животна средина на Град Скопје во кругот на Цементарница Усје, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисини точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница Усје е дури и помала од други мерни места во градот, велат од компанијата.

Инаку, Државниот инспекторат за животна средина вчера објави извештај од вонредни мерења во Цементарница. Поради прекршувањата од Котларата за загревање компанијата ќе треба да плати казна од 180 до 200 илјади евра. Од Инспекторатот велат дека записникот за спогодување е доставен до компанијата, а казна од 10.000 евра заработил и директорот на Цементарница.

За Котларата за загревање, Цементарница појаснува дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас се употребува мазут, што е дозволен енергенс согласно А-интегрираната дозвола. Меѓутоа, компанијата уверува дека веднаш ќе почне да користи гас наместо мазут.

Арсовска не сакаше да открие кој освен Цементарница го загадува воздухот, но рече дека листата на сите загадувачи ќе биде објавена јавно.

Инаку, градоначалничката потврди дека никој не се пријавил на огласот за приватни превозници. Но не откри како ЈСП ќе ги задоволи потребите на граѓаните, со оглед на тоа што недостасуваат автобуси во промет. И денеска продолжи праксата на избегнување на одговори надвор од темата која ја смислил кабинетот на Арсовска, па многу прашања останаа неодговорени.