Македонија
24. July 2017 - 16:40

Град Скопје и Општина Аеродром ја реконструираат улицата „Васко Каранѓелевски“

Нов лик ќе добие булеварот „Васко Карангелевски“ во Аеродром. Денеска почнаа градежните работи за реконструкција на делницата од булеварот „Јане Сандански“ до булеварот „АСНОМ“.

Обновата е дел од програмата за работа на Градот Скопје и Општината Аеродром.

-Со проектот е предвидено гребење на горниот и санација на основниот слој по што ќе се нанесе нов асфалтен слој. Сметам дека по реконструкцијата нема да ја гледаме оваа грда слика на крпеници на овој дел од булеварот, вели Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје.

Според локалните власти во Аеродром, соработката со Градот Скопје придонесува за подобрување на сообраќајната инфраструктура во општината.

-Работиме интензивно неколку години со Градоначалникот на Градот Скопје на изградба и реконструкција на инфраструктурата во општина Аеродром во интерес на жителите и јас се надевам дека овие проекти ќе продолжат и понатаму, изјави Ивица Коневски, Град на општина Аеродром.

За реконструкција на булеварот „Васко Карангелевски“ ќе се инвестираат 7,8 милиони денари. Парите ги обезбеди Градот Скопје.

-Вкупната должина на улицата изнесува 600 метри. Според планот на градските власти, реконструкцијата е предвидено да заврши до септември.

Градските власти велат дека во екот на градежната сезона, значајни инфраструктурни проекти се реализираат низ целата територија на Скопје.

-Се надевам дека оваа година ќе почнеме со реконструкција и на други улици но и фекални и атмосферски канализации, реконструкција на булевари како и правење паркови низ Скопје, додава градоначалникот Трајановски.

Инаку освен обнова на коловозот, предвидена е реконструкција и на дел од тротоарите на булеварот „Васко Карангелевски“.