Македонија
9. August 2018 - 16:20

Град Скопје: Авионите кои не бучат се виновни што граѓаните не веруваат дека се прска

Граѓаните и денеска ќе водат борба со комарците. Од утре, скопјани би требало помалку да ги чувствуваат на своја кожа нападните инсекти. Град Скопје за утре ја најави третата фаза од авионската и терестрична дезинсекција на подрачјето на главниот град, против возрасни форми на комарци.

Скопјани веќе подолго време се прашуваат дали во градот воопшто се прска. Градските служби, пак, ТВРДАТ дека активностите против наездата ова лето се одвиваат според планот, по задоцнетото прво прскање во јуни кое заглави во тендерските процедури. Портпаролот на Град Скопје, Валон Салиху во фејсбук статус вели дека граѓаните се во заблуда и дека Скопје редовно се прска против комарци, но новите авиони не се толку бучни како претходните.

Деновиве гледам дека голем број од граѓаните не се соодветно информирани во врска со активностите кои ги има спроведено градот во врска со прскањето против комарци. Процедурите и користеното средство се тие истите како и до сега. Новитет ова година се авионите кои не бучат како тие претходните, и претпоставувам дека тука е и збунката зошто луѓето мислат дека не се прска, пишува Салиху.

Од ВМРО ДПМНЕ реагираа на ваквиот став. Велат дека ваква наезда на комарци Скопје не памети досега, а според нив, образложението од Град Скопје е потценување на интелегенцијата и здравјето на над 600 илјади жители.

Од градската управа соопштуваат дека третото прскање против комарци ќе се одвива од утре до 13 август во раните утрински часови, додека прскањето од земја е предвидено за наредната недела. Доколку временските услови дозволат, најдоцна почетокот на септември се очекува да бидат завршени сите пет предвидени фази на прскање.