Живот
10. September 2016 - 21:23

Град на тишината: Во него телефоните и интернетот се забранети

Во град на Апалачките планини, кој има само 145 жители, луѓето живеат во технолошки вакуум, бидејќи мобилните телефони се забранети, безжичниот интернет не е достапен, а на радио може да се слушне само шум. Еве ја и причината.
 
Грин Бенк се наоѓа во американската држава Западна Вирџинија и на прв поглед е обичен мал град на Апалачките планини. Така изгледа на прв поглед, но тој се менува откако ќе поминете некое време во тоа мало место, пишува Newsweek.
 
Како посебно место, Грин Бенк се наоѓа во Зона на тишината на националното радио, облас со површина од 33,7 илјади квадратни километри, во која е забранета радио-трансмисија. Зоната е воспоставена за да се избегне електромагнетната интерефенција од блискиот најголем светски радио-телескоп кој е издигнат над околината. Телескопот на Грин Бенк (GBT) „Robert C. Bird” е висок 152 метри со чинија голема како фудбалски терен и уште останува место за трибини. Џеј Локман од Националната радио-астрономска опсерваторија вели дека телескопот се користи за проучување на многу работи, вклучувајќи и барање на живот во вселената.
 
Со оглед на тоа дека многу сигнали од вселената главно се многу слаби, животот околу телескопот мора да биде многу тивок. Тоа објаснува зошто луѓето во тој град не можат да користат некои секојдневни работи на современите општества.
 
Работата на телескопот бара микробрановите печки во околината да стојат во заштитни челични кутии. Кога во близина се отворил голем шопинг центар, автоматската врата морала да биде заменета, бидејќи пречела на приемот.
 
Што се однесува до безжичниот интернет и мобилната телефонија, луѓето кои тука поминуваат слободно можат да ги заборават. Жителите велат дека патниците обично се нервираат кога доаѓаат во тој град, бидејќи мобилните телефони немаат мрежно покривање.
 
Меѓутоа, локалното население е целосно задоволно од тоа како стојат работите. Некои луѓе се доселиле во Грин Бенк токму затоа што тука можат да уживаат во звуците на природата. Велат дека понекогаш е толку тивко што можете да ги слушнете сопствените мисли.
 
„Тоа е како порано кога сите си игравме надвор, не седевме цело време на компјутери” – вели Шери Честнат од продавницата Трентс џенерал. За ништо не би го менувала ова место”.
 
Жителите признаваат дека единствен проблем е тоа што не можете да се јавите веднаш за помош во вонредни состојби.
 
„Би било убаво да имаме мобилен телефон за итни случаи, но тие не ни требаат за спокојство” – вели Деби Бајрели.
 
Но, не грижете се, жителите велат дека ќе ви дадат да се послужите со фиксен телефон ако поминувате од тука. Или можете да користите телефонска говорница, една од последните во таа држава. Од говорница може да се јавите на опсерваторијата и да ги прашате дали до сега им се јавил I-Ti.