Македонија
13. April 2017 - 13:20

Гостување на Битолскиот театар во Санкт Петербург, Русија

Ансамблот на НУ Народен театар-Битола првото меѓународно гостување во оваа година ќе го реализира во Санкт Петербург, Русија, каде на 17 април на сцената на театарот „Вера Комисаржевскаја“ ќе го изведе музичко-сценскиот перформанс „Шекспир засекогаш“.

Копродукцискиот перформанс е во изведба на актери од Битолскиот и театарот „Вера Комисаржевскаја“, кои во меѓувреме извршиле дополнување и ќе биде изведен во форма на маратонска актерска манифестација посветена на Шекспир, истакна Валентин Светозарев, директор на НУ Народен театар-Битола.

-Во Санкт Петербург ќе настапиме пред полна сала бидејќи освен за актерите голем интерес има за битолската група „Фолтин“ која освен во музичко-сценскиот дел ќе приреди и посебен концерт за руската публика. Во претставата ќе настапат многу актери од Македонија и Русија, но како почесен гостин ќе настапи и народниот актер, некои го нарекуваат и актерска икона во Русија, Ивак Краско кој иако има 89 години се уште е активен, посочи Светозарев.

Заедно со актерите од Русија ќе настапат и битолските актери Соња Михајлова, Катерина Аневска, Никола Пројчевски, Александар Димовски и други членови на ансамблот.

НУ Народен театар-Битола освен во Русија оваа пролет ќе настапи и во Канада.