Бизнис
12. April 2019 - 12:20

Гостиварското јагне „замириса„ на дискриминација

Триесетина одгледувачи на овци од гостиварскиот регион се жалат дека не можат да ги продадат јагнињата од оваа година. Тие обвинуваат дека кланицата „Горни Полог ГВ“ им врши дискриминација по етничка основа и фаворизираат сточари од други региони. Кланичарите ги демантираат таквите тврдења, а откупот се одвива според пазраните услови.

Сточарите од неколку гостиварски села незадоволството од откупот на јагне го искажаа со собир пред кланицата. Тие тврдат дека не им се нуди иста цена на сточарите Албанци од Гостиварско.

– Со оваа цена која ни ја даваат во „Горни Полог ФВ“, не можеме да ги покриеме трошоците што ги имавме преку зимата за храна, за овчарите и други работи. За да се покриеме цената треба да е најмалку 150-160 денари, а да не зборуваме за заработка. Сакаме да ни го платат јагнето, како и на останатите, вели Меџит Усеини сточар од Здуње Гостиварско.

За селективност обвинуваат и Фејзула Сефери од селото Корита и Зирап Камбери од селото Форино.

– Цените за откуп се многу ниски и ние сме задоволни. Сточарите од другите делови од  земјава од Прилеп, Битола и од истокот на земјата за јагнињата добиваат повеќе. Речиси сите сточари од овој крај се Албанци и ние сме дискриминирани, велат овие двајца.

Како можно решение го посочуваат субвенционирањето на килограм јагнешко месо со најмалку 30 денари од страна на државата. За тоа, како што велат, има простор, бидејќи јагнешкото во месарниците се продава за 350 денари килограм. Доколку не се најде решение во скоро време, незадоволните сточари ќе започант со блокади на патиштата.

Од најголемиот кланички капацитет „Горни Полог ГВ“ ги отфрлаат обвинувањата и сметаат дека револтот е искажан на погрешно место. Откупните цени се базирани на условите на пазарот и тие како откупувачи и преработувачи немаат влијание.

– Во целост ги демантираме ваквите тврдења за некаква дискриминација по етничка основа како што тоа го кажуваат. Дури предност им даваме на сточарите од нашето опкружување од Кичевско, Дебарско, Тетовско и Гостиварско. Неприфатливи се таквите изјави и тие се целосна дезинформација. Не сме одбиле никој кој сакал да ни го продаде јагнето. Впрочем и најголемиот дел од сточарите од кои откупуваме и со кои соработуваме се Албанци. Досега сме немале проблем каков што сака некој да го прикаже, вели Рајко Максимоски, еден сопствениците на „Горни Полог ГВ“.

За револтот и за ваквиот притисок, како што вели, најверојатно постојат други мотиви кои не му се познати. Според него единствен проблем е недостиг од јагне поради намалувањето на стадата, бидејќи сточарите немаат работна сила и условите во земјава за одгледување овци не се најповолни.

Сточарите тврдат дека во гостиварскиот регион за оваа пролет имаат околу десет илајди јагниња, а заради условите ќе се соочат со непродадени над шест илјади.

За помош се обратија и кај градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари.

Тој по средбата напомена дека сточарството е значајна економска гранка во општината и дека околу 300 фамилии директоно зависат од оваа дејност. Тој им вети дека ќе побара од централната власт да се заложи во надминување на проблемот.

Откупот на јагне се наоѓа во завршна фаза и најверојатно ќе заврши за една недела, со оглед дека јагнешкото најмногу се извезува на странските пазари пред Велигден. Заради несогласувањата, можно е да не биде постигнат и планираниот извоз и обработка на околу десет илјади јагниња.

Најголемата кланица во Македонија „Горни Полог ГВ“ повеќе од една деценија е приватизиран. Во осумдесетите и девестите години од минатиот век од оваа кланица на странските пазари се извезувале над 300 илјади јагниња, главно на италијанскиот пазар. Сега работи со неколкукратно намален капацитет.

Зоран Маџоски/МИА