Македонија
4. јуни 2020 - 16:09

Гостиварскиот кризен штаб бара патроли кои ќе проверуваат дали се почитуваат мерките во угостителските објекти

Формирање заеднички патроли со комунални, пазарни и полициски инспектори за да се конторлираат угостителите дали ги спроведуваат мерките за заштита од коронавирусот. Ова барање беше ставено во еден од заклучоците на меѓуопштинскиот штаб за општините Гостивар, Врапчиште и Маврово Ростуше по денешниот состанок.

– Денеска ќе испратиме предлог до Државниот пазарен инспекторат и МВР за да организираме заеднички патроли во кои, покрај комуналните ќе има инспектори и преставници од овие институции. Тие заеднички на терен ќе ги конторлираат граѓаните и угостителите и дали ги почитуваат протоколите и препораките на здравствените власти. Очекувам за овој предлог да се договориме во понеделник, рече Арбен Таравари, претседател на штабот.

Според него, овие патроли веднаш нема да казнуваат туку ќе опоменуваат, а ако недостатоците се повторуваат, тогаш да се прејде кон санкционирање.

Таравари и препорача на централната власт да отпочне со поопсежна кампања за опасноста од Ковид-19 и подигање на свеста кај граѓаните. Тој побара да има и материјали на албански јазик, со што пораките ќе стигнат и до оваа етничка заедница.