Македонија
10. July 2016 - 11:17

Гостиварец криел марихуана во бањата

Полицијата при претрес на домот на гостиварецот А.Џ. синоќа открила поголема количина марихуана. Сопственикот за време на претресот не бил дома и по него се трага, информираат од СВР Тетово.

Според портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски, полициски службеници синоќа од 20 до 21 часот, со судска наредба извршиле претрес во домот и помошни простории на А.Џ. (44) на улицата „18 Ноември“.

При претресот на двокатната куќа, во бањата на првиот кат до кадата, пронајдени се осум најлонски пакувања со непозната зелена тревлива материја, најверојатно марихуана, ставени во картонска кутија, со вкупна тежина од околу десет килограми.

- Пронајденото е фотодокументирано и со потврда одземено од неговата сопруга, која присуствувала на претресот, по што е испратено на вештачење, вели Јосифоски.