Македонија
3. September 2015 - 12:31

Гори шума кај Македонски Брод, другите пожари изгаснати

Ноќеска, во 1 часот по полноќ е изгаснат пожарот кај Теферич, општина Кисела Вода. Во гаснењето беа ангажирани тимовите од подрачните одделенија за заштита и спасување Кисела Вода, Град Скопје и Чаир со вкупно 30 лица и ТППЕ со седум возила и 15 пожарникари.

Како што информира денеска Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), пожарот избувнал вчера во 19 часот, а опожарени се 15 хектари мешана шума, грмушки и трева.

Ликвидиран е пожарот во општина Студеничани, кај селата Елово и Осинчани. На терен дежураат екипи на „Македонски шуми“.

Пожарот кај село Дејковец, општина Зелениково вчера е ставен под контрола.

Се уште е активен пожарот кај местото викано Царовец во атарот на село Крапа, Македонски Брод. Опожарени се 40 хектари. Во моментов на терен се ангажирани две лица од подрачното одделение за заштита и спасување и Шумското стопанство со пет возила и 24 лица.

Пожарот кај село Гурганци на патот кон Куманово, вчера во 18.30 часот е ставен под целосна контрола. Опожарена е површина од 100 хектари, од кои 30 хектари се борова шума. Во моментов на терен има дежурни екипи од јавните претпријатија. 

Под контрола во 23.45 часот е ставен пожарот кај местото викано Пела, во атарот на село Слатина, Македонски Брод. Пожарот избувнал синоќа во  21.45 часот, а горела сува трева.

- Во текот на вчерашниот ден беа ангажирани ТППЕ со едно возило со четворица пожарникари, а денеска утрово на терен беа ангажирани 5 пожарникари, информира ДЗС.