Македонија
4. August 2017 - 21:08

Гори Македонија - Активни повеќе пожари во неколку плански региони

Активни се повеќе пожари во неколку плански региони во државата. Станува збор за северниот (скопски), тетовско-полошкиот, југозападниот и повардарскиот плански регион.

Центарот за управување со кризи соопшти дека се уште е активен пожарот во атарот на селата Требовље и Растеш и во негово гаснење се ангажирани АРМ, два хеликоптери (интервенирале попладнето), месното население од селата и доброволци од Кичево, Прилеп и Скопје. 

Пожарот од атарот на сeло Растеш, како што се наведува, се проширил во атарот на село Волче, а не се исклучува можност да се прошири и во атарот на населените места Битово и Заград.

Во врска со пожарот на атарот на селото Близанско, местата викани Брдо и Круша, од ЦУК информираат дека тој повторно се активира и се движи кон местото викано Фојник.

Во гаснењето на пожарот во село Девич ангажирани се лица од Шумско стопанство „Сандански“ – Македонски Брод и пожарот го контролираат и горните куќи од селото не се загрозени, но пожарот е активен и со намален интензитет на местото викано Попец.

Од ЦУК посочуваат дека на пожарот во атарот на село Могилец интервенираат Територијалната противпожарна единица Македонски Брод, лица од месното население и лица од Шумско стопанство „Сандански“. Пожарот, како што се истакнува, се шири кон атарите на селата Клуќерец и Инче кон местото викано Даб, како и кон атарот на село Модриште. Гори дабова и борова шума. Од 17 часот интервенираат и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување. Во село Могилец опожарени се две напуштени дотраени куќи, три куќи во кои живеат луѓе од селото и една куќа е делумно оштетена. Интервенира и Територијална противпожарна единица Прилеп.

Попладнето се појавил појавил пожар кај село Осинчани, за што испратена е екипа од Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје да интервенира. Во овој реон избувнал пожар и кај село Јаболце во општина Сопиште. Примена е дојава и за пожар над село Волково за што се известени Шумско стопанство Караџица и БППЗ на град Скопје во општина Ѓорче Петров. Исто така, примена е дојава за пожар над селото Бојане кон селото Копаница во општина Сарај, истакнуваат од ЦУК.

Оттаму потенцираат дека пожарот кај село Орешани е активен, попладнето ја поминал Орешанска река и оди кон село Вражале. Зафатена е нискостеблеста шума – смрека. Исто така, има дојава дека пожарот на Матка повторно се активирал. Според информациите од теренот, пожарот ја сменил насоката кон манастирот Шишевски. Екипа на ЈП „Паркови и зеленило“, како што се посочува, веќе работи на сртот бидејќи теренот е непристапен.

Пожарот кај Барово брзо се разгорува и може да ја зафати боровата шума кон Водно. На лице е упатена екипа од ЈП „Паркови и зеленило“.

За пожарот кај село Моране, дејствуваат екипи на БППЗ. Покрај ова БППЗ надвор од градот имаат екипи во Долна Матка, селата Рашче и Елово во општина Студеничани, како и во село Никиштани во општина Ѓорче Петров).

Пожарот во атарот на село Подвис се уште е активен. Од ЦУК информираат дека гори нискостеблеста деградирана дабова шума, сува трева и стрништа. Поради високите температури, правецот на ветерот и непристапноста на теренот отежнато е гаснењето. Пожарот се шири од пределот по ридот према село Алданци. Во соработка со ЕЛС Крушево, во раните утрински часови ќе бидат испратени екипи од ТППЕ и ЕЛС Крушево за негово гаснење. Пожарот во атарот на селата Дрен – Смолани, е активен и веќе се проширува на горниот дел на планината. Зафатена е претежно ниско стеблеста дабова шума, чалија, смрека и др. Екипата е се уште на местото на настанот, а се работи за непристапен терен.

Во реонот на Тетово, како што се наведува, активни се два пожари на отворен простор и тоа над село Копанце, каде гори површина обрасната со сува трева и ситна деградирана шума на планината Жеден. Истиот по сртот на планината е проширен кон село Туденце, а се движи и во правец на село Бојане во општина Сарај.

Во атарот на село Гургурница во општина Брвеница активен е пожарот со кој гори сува трева и пасишта. Во гаснење на пожарот учествуваат лица од месното население. Во општина Гостивар, активен е пожарот во атарот на село Корито, каде нема можност да се интервенира, истакнуваат од ЦУК.

Активен е и пожарот во атарот на село Дреново, во месноста Дреновска Корија и е зафатена шума под даб, јасен и бука, на голема површина. Во меѓувреме појавени се уште два пожара на блиска локација. На терен биле лица од Шумско стопанство „Бабуна“ – Велес. Пожарот полека се движи кон планината Лисец.

Пожарот во атарот на с.Богомила кој се закануваше да го зафати манастирот „Св.Спас“ и селото Богомила е изгаснат со помош на авионите на Дирекцијата за заштита и спасување и екипи на Шумско стопанство. Другиот дел од пожарот е активен и се движи кон прилепска страна. Пожарот на падините на Горна Јакупица е активен, а теренот е непристапен за гасење, соопштија од ЦУК.