Македонија
16. February 2016 - 16:25

Гореше зградата на ЕВН и ЕЛЕМ- 150 евакуирани

Искра од апаратот за заварување според неофицијалните информации е причина за пожарот кој утринава ги крена на нозе вработените во ЕЛЕМ. Во зградата лоцирана на плоштадот Македонија огнот избувнал околу 09:30 часот. Работниците кои ги изведувале градежните работи се обиделе сами да реагираат, но откако огнот забрзано почнал да се шири поради палењето на пластифицираната заштитна ограда настанала паника. Први напомош пристигнале колегите кои работеле на објектот на Пелагонија и пробале да го изгаснат огнот со апаратите кои ги имале.

Брзата интервенција на против пожарната бригада, чија екипа пристигнала само неколку минути по пријавата спречила проширување на огнот. За кратко време пожарот е локализиран, а за среќа нема повредени.

Од СВР Скопје велат дека истрагата ќе ја вршат откако местото ќе се олади, по што би имале информации за предизвиканата штета. За точните причини за пожарот немаат информации.

Дел од објектот кој беше опожарен е во сопственост на ЕВН, а дел на државната ЕЛЕМ.

Претседателот на управниот одбор на ЕВН, им се заблагодари на пожарникарите за брзата интервенција. Штета велат од комапнијата е минимална, а огнот ја зафатил само фасадата која е во изградба. Вработени од ЕВН немало во објектот, бидејки канцелариите на компанијата биле преместени поради реконструкцијата на објектот.

Од ЕЛЕМ чиј што вработени биле единствените во зградата утрово велат дека сите 150 се евакуирани навреме. Тие ги очекуваат резултатите за точните причини поради кои настанал пожарот од полицијата и утврдување на штетата која настанала од него.