Балкан
23. April 2020 - 13:16

„Горење“ ќе отпушти 2.200 работници поради кризата од корона вирусот

Словенечкиот производител на бела техника „Горење“ ќе отпушти 2.200 работници поради кризата предизвикана од пандемијата со новиот корона вирус, јави Радио телевизија Словенија (РТС).

Одлуката за отпуштање на работниците е донесена на синоќешниот вонреден состанок на претставниците на „Горење“, со образложение дека се намалува побарувачката поради пандемијата.

-Од вкупно 2.200 работници кои ќе добијат отказ, илјада ќе бидат во Словенија, а останатите во филијалите во други земји, изјави претставникот на Синдикатот на „Горење“, Жан Жеба.

Минатиот април, во компанијата работеа 9.300 луѓе, пренесува РТС.

„Горење“ е еден од најголемите словенечки извозници, и има фабрики во Србија и во Чешка, а во 2018 година компанијата беше преземена од кинеската фирма „Хисенсе“.