Македонија
28. September 2020 - 21:34

Гордана Јанкуловска спроведена во Идризово, на издржување казна затвор од 4 години

Гордана Јанкуловска ќе биде 14 дена во карантинскиот дел од женскиот оддел  во Идризово се додека да се изготви нејзиното затворско досие. Во ќелијата каде попладнево е спроведена престојува со уште една затвореничка. Во приемниот период ќе се одлучува дали и какви безбедносни мерки би се преземале за нејзиниот 4 годишен престој во затворот. Со оглед на заканите кои Станислава Чочоровска ги упати преку социјалните мрежи до екс министерката, ќе се прават проценки дали таа ќе биде сместена со посебни мерки во ќелија. До тогаш директорот на затворот тврди дека Јанкуловска ќе биде безбедна.

Екс министерката Гордана Јанкуловска упатниот акт од судот за издржување на казната го доби на домашната адреса која се наоѓа веднаш спроти МВР со  кое таа раководеше. Со полициска придружба  беше однесена во Идризово.

Од ВМРО ДПМНЕ реагираат дека Јанкуловска е жртва на неправдите и поклитичкиот прогон на мафијата на Заев.

Јанкуловска оди во затвор за автомобил кој го вози и користи Зоран Заев и неговата мафија и во исто време кога истата таа власт троши над 8 милиони евра за купување на нови службени возила, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Јанкуловска е жртва на неправдите на Заев и нејзиното одење во затвор е политичка пресметка и нарачка на мафијашот Заев со опозицијата. Додека власта се осветува кон мајка, сопруга и професионалец кој со години и служел на државата сеуште нема ниту збор за тоа каде завршувале парите од рекетот на Зоран Заев, имаме амнестија на очигледен поткуп на Заев, евро за Вицето евро за црквата.

Јанкуловска  е обвинета во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес. Врховен ја одби жалбата на Јанкуловска и ја потврди казната од Кривичен а во меѓувреме казната и е намалена од 6 на 4 години.