Свет
10. October 2016 - 18:02

„Големата коалиција“ во Берлин бара заеднички кандидат за претседател

Висок неименуван претставник на германската коалициска Влада најави дека членките на „големата владина коалиција“, составена од конзервативците на канцеларката Ангела Меркел и социјалдемократите на вице-канцеларот Зигмар Габриел, се обидуваат да најдат заеднички кандидат за шеф на државата.

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, досегашните напори да се најде наследник на актуелниот претседател Јоаким Гаук, кој се откажа од втор мандат и да се спречат тензиите во пресрет на сојузните парламентарни избори закажани за септември идната година, беа неуспешни. 

Новиот претседател на Германија треба да биде избран од страна на Федералната Конвенција, која се состанува на секои пет години за избор на нов шеф на државата. Федералната Конвенција ја сочинуваат членовите на Бундестагот, претставници на германските покраини, како и јавни личности и истакнати граѓани.

Наредното заседание на Федералната Конвенција е закажано за 12 февруари, а брз договор за претседател може да ги спречи политичките тензии меѓу наголемите партии во Германија.

Хорст Зехофер, лидер на баварската Христијанско социјалната унија (ЦСУ), која е сетринска партија на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел, изјави дека левицата и умерената десница планираат да номинираат заеднички кандидат, но, како што нагласи, „во политиката намерите и договорите не се секогаш остварливи“.