Свет
25. March 2016 - 15:09

Големата акција на белгиската полиција во Скарбек заврши со „неутрализација“ на еден осомничен

Едно лице е „неутрализирано“ за време на големата операција во близина на местото Мејзер во проблематичната населба Скарбек, како дел од анти-терористичката акција по нападите на аеродромот и метро-станица во Брисел во вторникот кога 31 лице го загуби животот, а 300 беа повреднеи, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Специјалните единици на федералната полиција ја завршија операцијата на Мејзер со ликвидација на еден осомничен кој не сакал да ги послуша полициските наредби и не застанал додека со себе носел торба што подоцна се покажа дека имало експлозив во неа. Според националната телевизија „РТБФ“ полицајците влегле во една куќа при што се слушнале две експлозии уште на почетокот на интервенцијата.

Неколку сведоци на местото на настанот, за „РТБФ“ сведочеа дека се слушнале и престрелки со огнено оружје, додека трамваите што поминуваат крај ова место се евакуирани, а сообраќајот на автобусите на двете компании за јавен превоз „СТИБ“ и „Де Лејн“ е цеосно прекинат.

Околината на местото Мејзер во Скарбек што беше целосно затворена и опкружена од тешко вооружени полицајци и војници, како и од воени камиони, во моментов е ослободена. Од белгиското МВР не сакаат известат официјално дали оваа акција е поврзана со групата на браќата Ел Бакрауи, Салах Абдеслам и Наџим Лашрауи, од кои вториот е уапсен уште пред терористичките напади, додека останатите се саморазнесоа на аеродромот Завентем и на метро-станицата Малбек во европскито кварт на Брисел.