Македонија
25. јуни 2019 - 19:08

Голема полициска акција во Љуботен - полицијата собираше нелегален тутун

Нема приведени во големата акција на Финансовата полиција за криумчарење тутун. Одземени се 12 тони од сортата Вирџинија, тутун кој од соседните земји го увезле домашни фирми а потоа го продале на физички лица за дополнителна обработка и продажба. Од финансова велат дека на овој начин државата претрпела штета од над 7 милиони евра ама засега нема поднесени пријави за сторено кривично дело.

Откривањето на нелегалниот увоз и продажба на тутунот го следела и царинската управа. Првиот цариник објасни дека за спречување на нелегалниот увоз, се прават анализи на компаниите кои ќе можат да купуваат тутун од странство.

Огромен број специјалци на МВР помагаа на Финансовата полиција за утринската акција во Љуботен. Се одземаше тутун, картонски кутии, машини за сечење и дробење тутун.

Атмосферата повремено стануваше тензична. Љуботенци негираа дека тутунот потекнувал од Косово. Обвинија дека државата им го одзема единствениот извор за егзистенција.

Жителите ја повикаа актуелната власт да им ги реши комуналните проблеми и порачаа дека нивното село не е место каде треба да се бараат криминали.

Инаку според надлежните, криумчарениот тутун кој се нудел на пазарите бил исклучително штетен заради енормно виокото ниво на катран и пестициди.